Нови приведувања и осомничени за шпионажа во Бугарија
Специјалното обвинителство на Бугарија го истражува дејствувањето на три лица, од кои двајца работеле во Државната агенција за национална безбедност (ДАНС), а за третиот не е прецизирано каде работел. Лицата се осомничени дека работеле за интересите на Русија, односно приведени се за шпионажа во корист на руското разузнавање, јавуваат медиумите. Според досегашните информации, по добиен сигнал од ДАНС, спроведена е предистражната постапка од страна на специјалното обвинителство.
Инаку, ова е втор шпионски скандал за еден месец во Софија. На втори март, бугарското контраразузнавање откри резервен генерал што шпионирал за Кремљ. Тогаш, како одговор, бугарските власти протераа двајца руски дипломати. Овој пат станува збор за вработени во ДАНС што дејствувале против странски разузнавачки агенции, а всушност им продавале информации на руски служби.
Оваа вест доаѓа како потврда на најавата од пред два дена, кога бугарскиот премиер Кирил Петков изјави дека руски агенти во Бугарија работеле против добрите односи меѓу Скопје и Софија. Петков соопшти дека доста голема „руска дијаспора составена од агенти“ што се формирала во Бугарија работи на различни интереси, а еден од фокусите бил да нема европска иднина за Западен Балкан.
Она што го истражуваме во моментов на многу места е дека агенцијата работи напорно, има доста голема агентна дијаспора формирана во Бугарија, руска, која моментално гледаме дека работи на многу различни интереси. Дел од она што веќе ми беше пријавено е дека имаме руски агенти што работеле против разбирањето меѓу Бугарија и Македонија, а рускиот интерес е насочен кон тоа да нема европска иднина за Западен Балкан – изјави Петков.
Бугарскиот претседател Румен Радев, пак, излезе со став дека националната агенција за безбедност, како што вели, имала здрав имунолошки систем и таму активно се работело да се спречи пробив на некакви шпионски активности.
Медиумите во Софија посочуваат дека премиерот Петков на почетокот на неделава во Софија ги пречека своите колеги од земјите од регионот што се членки на НАТО. Наводно, уште истиот ден двајца високи службеници на ДАНС биле задржани во рамките на истрагата на специјалното обвинителство во акцијата за откривање лица што се ставиле во служба на странска земја – конкретно на Русија.
Според извори од истрагата, целта на шпионската мрежа била да ги неутрализира контраразузнавачките активности. Медиуми го посочуваат фактот дека откривањето на првиот бран руски шпиони во Бугарија било направено токму од вработени во ДАНС, во партнерство со странски служби, бидејќи се сметало дека военото разузнавање е веќе пробиено. Имено, претходно обвинетите за шпионажа во корист на Русија биле вработени во Министерството за одбрана. Пред еден месец беше приведен и резервниот генерал Валентин Цанков, кој исто така е обвинет за шпионажа и сега е во домашен притвор.
Ова е прв случај на приведување вработени во службата што се занимава со контраразузнавачки активности. Интересите на руската ГРУ главно се однесувале на борбената опрема на бугарските вооружени сили и на сојузничките одбранбени активности.
Руската амбасада во Софија сѐ уште не реагира на последните тврдења.