Конзервативната партија на поранешниот премиер Бојко Борисов има многу мала предност пред либералната листа, предводена од поранешниот лидер на центристите Кирил Петков, пишува францускиот весник „Монд“, повикувајќи се на синоќешните прогнози врз основа на делумни резултати. Според Евелина Славкова, аналитичар од Тренд, цитирана од изданието, ова е најлошото можно сценарио: „колку се поблиску резултатите, толку потешко ќе биде да се формира стабилна влада“, пренесе БТА.
Стравувањата од континуирана политичка нестабилност во балканската земја со 6,5 милиони жители опстојуваат и по петтите последователни избори. Скапата политичка криза е без преседан од крајот на комунизмот во 1990 година. Од падот на Бојко Борисов по една деценија на власт, различните партии не успеаја да формираат трајна коалиција. Овој ќорсокак се влошува со конфликтот во Украина во општество кое е историски и културно блиску до Москва и е растргнато поради прашањето како да му се помогне на Киев.
Младата проруска ултранационалистичка група Преродба го искористи овој геополитички контекст за да продолжи со својот подем: освои 13-14 отсто од гласовите во споредба со 10 отсто на претходните избори. Преродба ги отфрла сите испораки на оружје за Киев и отворено ја брани идеологијата на Кремљ, истото го прават и социјалистите од БСП – наследници на поранешната комунистичка партија што некогаш владееше со земјата, кои собираат околу 9-10 отсто, забележува француското издание.
„Фајненшл тајмс“ ја опиша „Преродба“ како „проруска партија што води кампања против пристапувањето на Бугарија во еврозоната“. На парламентарните избори таа „се обидува да го размрда“ политичкото статус кво, како одраз на „растечката разочараност на гласачите од корупциските скандали и политичките препукувања во Софија“. „Преродба“ најде одговор меѓу бугарските гласачи откако зазеде екстремно десничарски став, редовно ја реемитува пропагандата на Кремљ и ја доведува во прашање поддршката на владата за Украина во нејзината одбрана од руската агресија“,пишува весникот.
Партијата е предводена од Костадин Костадинов, харизматичен академик чиј „популарен прекар е Копејкин, име што се однесува на руската монета“.
Многумина сметаат дека овие избори се клучни за ГЕРБ, чиј лидер Бојко Борисов беше премиер од 2009 до 2021 година, додека не избија протести низ целата земја поради улогата на неговата влада во неконтролираната корупција во земјата, забележа Политико.
Партијата Продолжуваме со промената, предводена од дипломираните студенти на Харвард, Кирил Петков и Асен Василев, и Демократска Бугарија, предводена од Христо Иванов, водат кампања за ветувањето дека Бугарија ќе ја претворат во „европска земја“ со подигање на стандардот на здравството и образованието и правење на судството системот и обвинителството независни. Тие се омилени меѓу помладите гласачи, се вели во изданието.
Меѓутоа, ако земјата повторно не успее да создаде функционална влада, може да ги поткопа нејзините надежи за приклучување кон еврозоната и ефикасно користење на европската помош за закрепнување од пандемијата со ковид-19.