Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ е итно хоспитализиран во Универзитетскиот клинички центар (УКЦ) на Србија, објави „Данас.рс“.
Дачиќ бил примен во УКЦ поради здравствени проблеми што ги имал во последните денови.
Пулмологот Спасоје Попевиќ изјави дека состојбата на Дачиќ е многу сериозна и дека тој се наоѓа на интензивна нега, на механичка вентилација, односно на респиратор.
– Има билатерална пневмонија, ги прима сите потребни лекови и лекарите се борат за неговиот живот – изјави Попевиќ, зборувајќи во име на Универзитетскиот клинички центар на Србија.
Според него, состојбата е „малку“ подобра во однос на моментот на прием, но следните 72 часа ќе бидат клучни.
Утрово, пред да замине за Казахстан, српскиот претседател Александар Вучиќ повторно го посетил Дачиќ, за што информираше на својот Инстаграм профил.
– Го посетив Ивица утрово. Лекарите велат дека неговата состојба е малку подобра. Верувам во него – напиша Вучиќ.
Потпретседателот на Главниот одбор на СПС, Новица Тончев, за „ФоНет“ изјави дека Дачиќ денеска се чувствувал многу лошо, поради што не присуствувал на одбележувањето на смртта на Владислав Јовановиќ, ниту на седницата на српската Влада.
Според медиумите, Дачиќ веќе подолг период боледува од дијабетес.



































