Грција

Законот за еднаквоста на браковите успеа да го потресе целиот спектар на политичкиот систем на конзервативното општество на Грција од десницата кон левицата. Ова прашање стана доминантно во политичките дебати откако премиерот Кирјакос Мицотакис вети дека ќе го промовира, предизвикувајќи негодување кај црквата и партиите на екстремната десница, но и кај десетици пратеници на владејачката Нова демократија.

Легализирање на истополовите бракови

Минатата недела премиерот Киријакос Мицотакис во телевизиско интервју рече дека владиниот нацрт-закон за легализирање на истополовите бракови ќе ги прошири родителските права на двојките, но нема да дозволи медицински потпомогната репродукција преку сурогат мајка.
Анализирајќи го интервјуто, Петрос Јоанидис, политички аналитичар и основач на фирмата „Абаут пипл“, истакна дека Мицотакис не им се обраќал на оние што веќе биле убедени во оправданоста на законот, туку да ги убеди воздржаните, неодлучните, со конкретни примери.
– Овој прогресивен закон има цел да го зајакне центристичкиот профил на премиерот – рече Јоанидис.
Според него, тој има доволно време до европските избори да апсорбира какви било контраефекти.
– Големите реформи во семејното право отсекогаш ги правеше левиот центар и по правило десниот центар стои зад развојот на настаните – рече Мицотакис во интервју за државната телевизија ЕРТ.
Тој не прецизира кога ќе биде ставен на маса предлог-законот, но владините претставници велат дека тоа ќе се случи до крајот на февруари. Тој исто така појасни дека нема да бара партиска дисциплина за време на гласањето за прашањето што е „прашање на совеста“, повикувајќи ги пратениците од Нова демократија што не се согласуваат со него да се воздржат од гласањето, а не да гласаат против.

Раскол по ова прашање и во владејачката партија, но и во опозицијата

Предложениот предлог-закон предизвика несогласувања во владејачката партија, при што околу 60 пратеници во моментов се наклонети кон гласање против или воздржано. Најистакнат неистомисленик е поранешниот премиер Андонис Самарас, кој ја осуди идејата пратениците да се воздржат од гласањето. Министерот за внатрешни работи Макис Воридис исто така рече дека е подготвен да поднесе оставка.
Но ова прашање успеа да ја подели и опозицијата.
Водачот на главната опозициска СИРИЗА, Стефанос Каселакис, првиот јавно деклариран хомосексуалец и неодамна оженет партиски лидер во земјата, најави дека ќе наметне целосна партиска дисциплина во корист на законот, дури и пред да биде ставен на маса.

Прашањето предизвика несогласување со еден од неговите најблиски сојузници во левичарската партија, отворениот и влијателен Павлос Полакис, кој изјави дека не сака да го поддржи нацрт-законот бидејќи ќе има тешка задача да се брани меѓу неговите традиционалистички гласачи во планините на Крит. Позицијата на Социјалистичката партија ПАСОК останува нејасна, а нејзиниот лидер Никос Андрулакис изјави дека опозицијата не треба да се користи за решавање на внатрешните поделби на владејачката партија и дека „нема да му ги врзува врвките на чевлите на Мицотакис“. Се чини дека партијата е двосмислена меѓу политичките тактики и принципи.
– Тоа што толку многу пратеници се против законот и уште трите мали партии од неговата десна страна, не му го олеснува животот, но Мицотакис продолжува да ја поставува политичката агенда. Трите партии од неговата десница не можат многу да направат затоа што остануваат фрагментирани, а лево СИРИЗА е сè уште во состојба на интроспекција, додека ПАСОК се чини дека не може да им се допадне толку многу на гласачите – вели Јоанидис.

ЛГБТК+ заедницата во Грција со нетрпение го очекува законот

За сето тоа време, ЛГБТК+ заедницата со нетрпение го очекува законот, кој доаѓа по години одложување, иако постои загриженост дека не е доволно храбар.
– Длабоко и искрено сум среќен дека ова конечно се случува и претпоставувам дека сега ќе се случи брзо, бидејќи не е во интерес на премиерот да се упати на европските избори со ова прашање сè уште отворено – вели активистот за правата на хомосексуалците и политиколог Григорис Валијанатос.
Тој додава дека моќната Грчка црква зазела „незгоден став“ решавајќи да ја брани „институцијата што се распаѓа социјално и економски“.

Подготвил: Митко Јовановски