Хрватска
Од Муртер, Хрватска, исчезна 35-метарската јахта на сопругата на рускиот олигарх Алишер Усманов, Ирина. Јахтата беше под меѓународни санкции, кои ги спроведува и Хрватска. Јахтата „Ирина ВУ“ минатата година беше конфискувана во Бетина, кај Муртер, како дел од санкциите против олигарсите блиски до рускиот претседател Владимир Путин. Според сето она што е достапно како официјална информација, јахтата била извадена од морето за да биде на „суво“, запечатена до некоја нова одлука. Но на мистериозен начин таа била спуштена во морето и префрлена во скверот, а оттаму отпловила за Турција.
Конфузијата кај надлежните служби подгрева „трилер-приказни“ во јавноста
Иако исчезнувањето на јахтата во јавноста „протече“ токму изминатиов викенд и беше „топ тема за чаршиски муабети“, одредени индикатори покажуваат дека јахтата ги напуштила пристаништето Бетина и Хрватска уште есента, на 6 октомври, значи пред стотина дена?!
Хрватските медиуми се обидоа да добијат информации од екипажот на јахтата, но оттаму велат дека немале никаков писмен документ дека бродот бил запечатен. Дополнително, од Министерството велат и дека тој заплови летово, а не есенва. Пристанишниот капетан може усно да издаде забрана за пловидба, но по осум дена мора да состави писмено испраќање. Од Министерството велат дека ќе се спроведат постапки за да се утврдат сите факти.
На новинарите од пристаништето Бетина им било кажано дека јахтата тргнала најнормално, „испловила сосема редовно, со соодветен ред, капетан и екипаж“. А од соседниот плац, каде што бродот претходно бил врзан и паркиран на суво, рекле дека тие не се полицајци, односно дека не можат да спречат некого, туку тоа требало да се направи од страна на одговорните институции.
Во врска со целата ситуација се огласи Ален Госпочиќ, државен секретар во Министерството за море.
– Имаме меѓуресорско и координативно тело на државно ниво – на чело со Франо Матушиќ, државен секретар во Министерството за надворешни и европски работи – кое е задолжено за санкции. Тоа тело донесе одлука да го блокира предметниот брод од каков било сообраќај. И Министерството за море го спроведе тоа – спречи какво било ракување со бродот, го запечати и го ограничи правото на сопственикот и екипажот да пристапат до бродот, да се движат околу бродот и да исплови. За сѐ е информиран и претставникот на сопственикот. Поради тоа, во согласност со одлуките на државното координативно тело и упатствата на Министерството за море, Капетанијата на пристаништето Шибеник, на чија територија се наоѓал бродот, добила наредба за запечатување на бродот – рече Госпочиќ.
Кражба или организиран криминал?
На прашањето како во таква ситуација множел да исчезне толкав брод, државниот секретар не беше многу расположен да зборува.
– Па, се случи чин на чиста кражба! Против Република Хрватска! Зборуваме за марина со многу чамци, отворена марина, која нема надзор и обезбедување од 0 до 24 часот – одговори Госпочиќ.
За жал, како што објасни понатаму, Министерството за море добило информација за исчезнување на луксузното пловило дури во неделата што измина.
Инаку, според специјализираните интернет-сервиси што многу прецизно ги следат движењата на бродовите по сателит, јахтата за одмор „Ирина ВУ“ произведена во 2012 година (Sunseeker Predator 115), исплови од марината Бетина на 6 октомври 2022 година, во 10 часот, а на деветти истиот месец беше во турското егејско пристаниште Дидим околу пладне. Од 11 октомври во 8.35 часот – „Ирина ВУ“ е надвор од опсегот!
Сега фокусот на интересирањето на јавноста е како е можно запечатениот брод да поминал незабележано, фигуративно кажано, три нивоа: областа на марината Бетина, областа на Капетанијата на пристаништето Шибеник и државната граница.
– Со ова ќе се занимава истражно тело, кое ќе се формира под раководство на државното координативно меѓуресорско тело предводено од државниот секретар Матушиќ. Во таа работна група, основана од Владата на Република Хрватска, учествуваат сите компоненти, вклучувајќи ги и Министерството за внатрешни работи, СОА… – објаснува државниот секретар Ален Госпочиќ од Министерството за море.
Тоа е накратко приказната, која има и свои дупки. Дупките се огромни, одговори сè уште нема, но прашањата се јасни: како е можно да си замине јахта од 35 метри, која беше запрена и запечатена, изолирана и блокирана од земја-членка на НАТО, ЕУ и шенгенскиот протокол, и тоа со одлука на државен орган во кој седат функционери од сите можни служби за надзор, за прогон, на разузнавачки агенции и слично. Многу прашања што очекуваат договор.
Ангел Митревски специјално за „Нова Македонија“