Шефот на германската дипломатија Јохан Вадефул го нагласи значењето на Западен Балкан за ЕУ
Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, по посетата на Западен Балкан, на Берлинскиот форум зборуваше за важноста на членството на регионот во Европската Унија и „напуштањето на дипломатската зона на удобност“, објавува „Газета експрес“. Тој тврди дека процесот на проширување на ЕУ останува базиран на заслуги, како и дека инвестирањето во овој регион е во интерес на Европа, бидејќи безбеден Западен Балкан е гаранција за безбедна Европа.
– И во исто време нашата инвестиција во Западен Балкан не е услуга, туку е во наш интерес. Само безбеден и стабилен Западен Балкан може да гарантира безбедна и стабилна Европа – посочи Вадефул.
Шефот на германската дипломатија рече дека по толку години на Балканот, војните се надминати, но не и конфликтите што ги предизвикаа војните.
– Минатата недела ги посетив главните градови на шесте држави од Западен Балкан и се сретнав со нашите војници што секојдневно ја гарантираат безбедноста таму. Триесет години по мировниот договор од Дејтон и четвртина век по Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН, регионот ги остави зад себе војните, но не и сите конфликти што некогаш ги предизвикаа. Она што ги обединува шесте земји, во целата нивна разновидност, е заедничката перспектива за пристапување во ЕУ. Тоа е ветување што им го дадовме со Солунската агенда од 2003 година. Кредибилитетот на ова ветување останува променлива што ќе го одреди степенот до кој другите геополитички играчи, пред сè Русија, ќе најдат тука порта кон Европа што ја бараат – порача Вадефул. Р.С.27

































