Фото: ЕПА

Хрватска

Ангел Митревски,
наш постојан дописник од Сплит, Хрватска

Сликите на пеплосан пејзаж најдобро го опишува пожарот во Марушиќи, Мимице и Писак кај Омиш, кој избувна по вторпат за два дена, а сега, конечно, според главниот командант на окружната противпожарна служба Иван Ковачевиќ, е под контрола на пожарникарите.
– Моментално ситуацијата на местото на пожарот е под контрола на пожарникарите, но се очекува силна бура во ова подрачје. Сигурно ќе има повторно разгорување на жариштата, па затоа ќе се бориме со ова континуирано и ќе бидеме физички присутни на теренот. Затоа и воздухопловните сили перманентно го натопуваат критичниот терен. Од вчера на терен има 150 пожарникари со 50 возила – рече Ковачевиќ.

Тој додаде дека ситуацијата сега е задоволителна, но сè уште немаат информации за обемот на изгорената површина.

Снопови изгорени кибрити биле пронајдени на голем број локации погодени од пожарот

Пожарникарите од целиот Сплитско-далматински округ го гаснат пожарот, додека нивните колеги од Дубровничко-неретванскиот, Шибенско-книнскиот, Копривничко-крижевскиот и Сисачко-мославинскиот округ се ставени во готовност за да помогнат во санацијата и заштитата на пожарот доколку е потребно.

Во хрватската јавност сѐ повеќе се зборува дека речиси сите пожари се подметнати со намерно потпалување стрништа, а локалните жители дури известуваат дека виделе лице на мотоцикл за кое се сомневаат дека ги предизвикало пожарите.

Поединци сведочеа и покажуваа фотографии од своите мобилни телефони дека „снопови изгорени кибрити биле пронајдени на голем број локации погодени од пожарот“.

Според информациите добиени во врска со пожарите во близината на Омиш, утврдено е дека досега во областа изгореа неколку покриви на куќи и други згради, бродови извлечени на суво, како и фабрики за масло. Притоа, еден пожарникар е повреден и добил изгореници на лицето. Она што особено загрижува, според пожарникарите, е дека огнот сè уште тлее на земјата, а температурата надминува 50 Целзиусови степени.

Покрај големиот број пожарникари, тука се и нивните колеги од Јавната противпожарна служба (ЈПП) на градот Сплит.