Хрватска воведува задолжителната воена служба од јануари идната година
- Предвидено е во ноември и декември да започнат потребните активности и повици за основна воена обука, а од 1 јануари следната година се очекуваат првите војници во касарните
Хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ изјави во јавноста дека очекува „законите за одбрана и служба во вооружените сили да бидат изгласани во парламентот следната недела, по што ќе почнат подготовките и ќе бидат повикани првите регрути, кои се очекуваат во касарните веќе во јануари следната година“.
– Дискусиите за Законот за одбрана и Законот за служба во вооружените сили на Комитетот за одбрана и ребаланс се предуслови за парламентарна дебата и гласање следната недела, по што ќе започне спроведувањето на законот – најави министерот Анушиќ пред седницата на Комитетот за одбрана.
Предвидено е во ноември и декември да започнат потребните активности и повици за основна воена обука, а од 1 јануари следната година се очекуваат првите војници во касарните.
– Основната воена обука ќе трае два месеца – рече Анушиќ, најавувајќи дека наскоро ќе објави каква обука ќе поминат регрутите и какви вештини ќе стекнат во тој период.
Тој исто така нагласи дека пред обуката, регрутите ќе поминат низ медицински преглед за да се утврди дали се способни за обука, но дека тој преглед нема да вклучува тестирање за опијати бидејќи, како што истакна министерот, тестовите не можат законски да се спроведуваат без согласност од регрутите.
Иако имаше сугестии дека задолжителната воена обука треба да трае подолго, Анушиќ објасни дека се одлучиле за два месеца, бидејќи од 2008 година постои доброволна воена служба во која волонтерите ја поминуваат целата основна обука и ги стекнуваат сите вештини што еден војник-стрелец мора да ги има за два месеца.
Тој нагласи дека веќе постојат воспоставен модел и рамка, а толкувањето и советите на инструкторите што интензивно работат со нив и ги обучуваат два месеца се дека тоа е сосема доволно и дека не се потребни три или четири месеци за стекнување на овие вештини, но не е проблем да се продолжи периодот доколку се покаже дека е потребно.
– За два месеца тие ќе ги стекнат сите основни воени вештини, и за преживување и за самоодбрана, моторни вештини, физичка подготвеност, исхрана, а доколку регрутот одлучи да оди понатаму, тогаш ќе потпише договор за професионално воено лице, а потоа ќе оди на специјализирана воена обука – посочи Анушиќ, а пренесе Хина.
Министерот Анушиќ рече дека воената обука ќе чини околу 20 милиони евра годишно, а за цивилна служба, како што додаде тој, треба да се праша Министерството за внатрешни работи. Тој само спомена дека надоместокот за оние што отслужуваат цивилна служба ќе биде значително помал отколку за војниците во касарните. Покрај Министерството за одбрана, во целиот процес ќе бидат вклучени и министерствата за внатрешни работи и за здравство. Р.С.
Автор: Ангел Митревски, наш дописник од Хрватска