фото: Принтскрин

Хрватската влада одлучи да воведе построги безбедносни мерки во училиштата откако во петокот (20-ти декември) едно дете загина, а пет лица се повредени во напад во основното училиште „Пречко“ во Загреб, објави весникот „Јутарњи лист“.

– По ужасниот чин на болно лице, ќе бараме строго почитување на мерките за заклучување на училиштата. Она што веднаш ќе го направиме е да ги смениме бравите на училишните врати за да може да се отворат одвнатре, но не и однадвор – рече министерот за образование Радован Фукс.

Во училиштата ќе се спроведе мерка за нивно заклучување 30 минути пред и 15 минути по почетокот на наставата. Ќе треба да има службеник на секој влез во училиштето за да следи кој влегува и излегува.

Само учениците и вработените ќе можат да влезат во училиштата преку главниот влез на зградата. Сите други лица, вклучително и родителите, можат да влезат во училиштата само со претходно барање до училишните власти или класниот раководител. Во овие случаи, училишен службеник ќе се сретне и ќе ги придружува до и од влезот на училишната зграда.

Компании за обезбедување ќе бидат ангажирани за поедини училишта ако тие изразат таква желба. Во моментов општина Загреб има одобрено ваква мерка за ОУ „Пречко“.