Хрватска усвои нов закон за управување со згради, според кој, поставувањето климатизери на фасадите на зградите се казнува со парични казни до 10.000 евра.
Екстремно високите температури, кои се сѐ почести поради климатските промени, би биле речиси неподносливи без клима-уред. Новиот хрватски Закон за управување и одржување на зградите, кој стапува во сила на 1 јануари 2025 година, забранува поставување надворешни климатски единици на фасадите на зградите.
Законот нема да се применува ретроактивно, што значи дека граѓаните што веќе имаат вградени клима-уреди нема да се соочат со казни.
Слични прописи беа во сила и порано, но не беа спроведени доследно
– Секој изведувач што ќе постави клима на фасада видлива од улица може да биде казнет од 5.000 до 10.000 евра – изјави за Нова ТВ Жељко Ухлир, државен секретар во Министерството за просторно планирање, градежништво и државен имот. Сопствениците на станови што нема да го почитуваат законот може да очекуваат и казни од 1.000 до 5.000 евра.
Слични законски одредби со кои се забранува поставување климатизери на фасадите постоеле и порано, но не биле доследно спроведени. Инсталатерите треба да ги предупредат клиентите за овие одредби, но тие редовно не го прават тоа. Клима-уредите остануваат на фасадите дури и во зградите што биле подложени на енергетско реновирање.
Новиот закон предвидува и казни за градежни работи што го нарушуваат изгледот на објектите
Според Неџељко Тишљер, претставник на станарите, неубавиот изглед на зградите во Хрватска се влошува со надворешните уреди за климатизација.
– Но промената не е толку едноставна, бидејќи луѓето што сакаат да ги преместат своите климатизери најверојатно ќе мора да ги заменат и цевките – рече Тишљер.
Новиот закон предвидува и казни за градежни работи што го расипуваат изгледот на зградите, како што се заградување балкони или лоѓии. Улир истакна дека со зградите не се управувало правилно долго време, што ги затегнало односите меѓу сосопствениците и го влошило изгледот на хрватските градови. Б.Р.