Фото: Принтскрин

 „МедиГруп“ доцна синоќа објави дека Дијана Хрка е примена во Општата болница на тој приватен здравствен систем поради влошување на нејзината здравствена состојба и дека, по дијагнозата, и е обезбеден постојан медицински надзор и соодветна терапевтска нега.

– Приоритет на сите преземени мерки е зачувувањето на нејзиното здравје и целосна медицинска безбедност – соопшти „МедиГруп“ и побара од медиумите и јавноста да го разберат и почитуваат правото на пациентката на приватност.

Дијана Хрка штрајкува со глад веќе 12 дена во шатор во близина на српскиот парламент, барајќи вистината и одговорност за смртта лани на нејзиниот син Стефан и 15 други жртви од падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад, ослободување на студентите кои беа, како што вели, нелегално притворени за време на протестите во изминатата година и распишување вонредни парламентарни избори.

Ветераните што ја чуваат, синоќа рекоа дека примила интравенска инфузија, но дека продолжува со штрајкот со глад.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека е важно што примила терапија и дека лекарите ја процениле нејзината здравствена состојба.