Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, денеска изјави дека го видел Планот за консултации потпишан од министрите за надворешни работи на Србија и Русија, дека во него нема ништо посебно, но намерата на Русија е да ја оправда војната во Украина, јави дописникот на МИА од Белград.
Хил изјави дека САД не знаеле што пишува во Планот за консултации потпишан од министрите за надворешни работи на Србија и Русија на крајот од неделата на Генералното собрание на Обединетите нации, но знаеле дека потпишувањето договор со земја како Русија е невообичаено и дека сакале појаснување.
-Го видов планот, нема многу во него. Прашањето е зошто Русија го сакаше тоа и очигледно е дека Русија го сакаше Планот за да ја оправда својата војна во Украина. Однесувањето на Русија е осудено од сите и во САД, во Индија, дури и Кина ги критикуваше, никој не ги поддржува во овој напор. Прашањето е зошто би добиле потврда од кој било за она што го направија на својот сосед – рече Хил за агенцијата ФоНет.
На прашањето зошто побарале објаснување за потпишувањето на протоколот и дали тоа е пример за координирана кампања на притисок врз Србија од Западот, Хил рече дека Србија не е нападната, туку дека Русија ја напаѓа Украина и дека тие побараа објаснување бидејќи било чудно што на крајот на неделата во ОН Србија потпиша договор со Русија.
Запрашан да го објасни ставот дека „сега никој не треба да потпишува ништо со Русија“, Хил рече дека луѓето треба да разберат дека не се работи за Србија, туку за Русија и однесувањето на Русија, која врши воени злосторства во Украина ги надмина границите на она што е прифатливо за секого.
– Прашањето е зошто да потпишете нешто со нив сега, Русија треба да се фокусира на излегувањето од Украина и да моли од нас останатите за прошка – рече Хил.
На прашањето дали има простор земјата да остане неутрална и дали Србија има право да води своја надворешна политика, Хил посочи дека Србија има право да ја води својата надворешна политика, но дека САД имаат право јасно да кажат што мислат за одредени одлуки и дека во овој случај Русија се однесува на страшен начин и никој не треба да стои на страна и да каже дека е во ред една земја да и прави такво нешто на друга.
Хил беше запрашан за коментар за фактот дека Србија нема да ги признае референдумите во четири области во Украина контролирани од руските сили.
– Србија е во право, не треба да ги признае тие референдуми, бидејќи тие не беа правилно спроведени, тоа се референдуми под пушки, со закани со бајонети на луѓето – истакна Хил.