Официјална Атина ги информирала високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и претседателката на ЕК за апсењето во Албанија на кандидатот за градоначалник на Химара од партијата на грчкото малцинство КЕАД Дионисис Фреди Белерис, а министерот за надворешни работи на Грција смета дека доколку нема цврсти докази, апсењето на два дена пред изборите, претставува скандал, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкото МНР веќе упати демарш до албанското МНР, амбасадорката на Грција во Тирана Константина Камици го посетила уапсениот кандидат за градоначалник во полициска станица, а реагираа и премиерот и министерот за надворешни работи на Грција.
Грчкиот премиер Киракос Мицотакис, на Фејсбук напиша дека ја информирал претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен за „апсењето на два дена пред изборите врз основа на непостоечки обвиненија“ и додаде дека „Албанија мора да сфати дека Грција и ЕУ нема да прифатат отстапки во владеењето на правото и заштитата на правата на грчкото национално малцинство“, а на случајот се осврна и за време на неговиот предизборен митинг на островот Лезбос.
Доколку Албанија сака да се приближи до Европската Унија, има обврска да обезбеди слободни и фер локални избори и веднаш да ги ослободи оние што ги затвори за да можат да учествуваат во изборниот процес, порача Мицотакис.
Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, кој учествува на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ имал телефонски разговор со албаснкиот премиер Еди Рама, а паралелно ги информирал високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел и шведскиот МНР.
При пристигнувањето на неформалниот состанок Дендиас рече дека станува збор за „исклучително сериозно прашање“, кое грчката Влада го следи внимателно и истакна дека апсењето на членот на грчкото малцинство и кандидат за градоначалник на Химара заедно со уште еден Грк, „доколку нема цврсти докази е апсолутен скандал“.
-Го повторувам она што го препозна и албанскиот премиер Рама. Апсењето на кандидат за градоначалник два дена пред изборите, доколку нема цврсти докази, претставува скандал – истакна Дендиас.
Според грчките медиуми, Белери и неговите соработници синоќа биле уапсени пред ресторан, без конкретна причина.