Избираме да не ја загриземе мамката на провокации од Турција, бидејќи треба да се справиме со големо крешендо на изјави и позиции кои ја преминаа границата, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за грчкото радио „Сфера 102,2“, јави дописничката на МИА од Атина.
Она за кое Мицотакис рече дека е охрабрувачко во односите со Турција се неодамнешните анкети според кои Турците сметаат дека сите изјави се од предизборни причини, додаде дека „најохрабрувачко е тоа што 63 отсто од Турците не ја сметаат Грција за закана“ и изрази уверување дека кога би се спровело исто истражување во Грција, резултатите би биле слични.
Тој истакна дека земјата има силни сојузи и силни вооружени сили и „сите знаат дека не можат да играат со Грција“.
– Од друга страна, мора да бидеме во позиција да можеме да разговараме, да ги решаваме нашите разлики или дури и да можеме да се согласиме дека не се согласуваме без да се караме. Ова е многу важно. Не сметам дека разликите со Турција ќе бидат решени преку ноќ. Тие се многу длабоки и доаѓаат од далеку. Но, дали ни е потребна оваа секојдневна тензија и овој отров – рече Мицотакис.
За енергетската криза, грчкиот премиер истакна дека „осум месеци инсистира и зборува за потребата да има една цена за природниот гас, не само за рускиот, туку и за гасот што се увезува во Европа во целост“, објасни дека државата ќе продолжи да ги поддржува граѓаните и најави дополнителни мерки, односно стимулации за заштеда на електрична енергија.
Во однос на ковид-19, грчкиот премиер истакна дека земјата нема повторно се да затвори и „тоа е факт“ рече дека „епидемијата, барем онака како што ја знаевме, завршува“, но посочи дека потребно е да бидат внимателни ранливите категории и граѓаните над 60-годишна возраст да се вакцинираат.
– Набргу ќе ги имаме новите вакцини кои ги покриваат сите мутации и како што е пракса со вакцината против грип за оние кои се поранливи, така треба да се вакцинираме и со вакцината против ковид. И секако, за оние што се ранлива категорија, добро е да носат маска во затворени простори. Но, нема да одиме на никаква регулаторна интервенција, како оние што ги имавме во последните две години – рече Мицотакис.