Грчкиот историчар Тасос Костопулос за пресудата на Апелацискиот суд во Кожани против регистрацијата на Центарот за македонски јазик во Грција
Грчкиот историчар Тасос Костопулос во својата неодамнешна колумна објавена во весникот „Евсин“ (Efsyn) изнесе свое видување за пресудата на Апелацискиот суд во Кожани против регистрацијата на Центарот за македонски јазик во Грција, оценувајќи ја како назадување на демократските слободи и прифаќање на теориите за историскиот притисок на домашната крајна десница
Демократските капацитети на една држава се огледуваат и преку нејзините постапки околу грижата за малцинските заедници, за што Грција, без оглед што себеси се декларира како лулка на демократијата, во пракса е далеку назад во поглед на демократските слободи.
Грчкиот историчар Тасос Костопулос во својата неодамнешна колумна објавена во весникот „Евсин“ (Efsyn) изнесе свое видување за пресудата на Апелацискиот суд во Кожани против регистрацијата на Центарот за македонски јазик во Грција, оценувајќи ја како назадување на демократските слободи и прифаќање на теориите за историскиот притисок на домашната крајна десница.
Коментирајќи ја пресудата, Костопулос пишува дека судот принуден да ја почитува „преспанската пита, со логичен скок го нахрани кучето на национализмот, тврдејќи дека македонскиот јазик (т.е. официјалниот јазик на државата Република С. Македонија) никогаш не се зборувал на грчка територија за да може да се зборува за неговото зачувување“.
Мајчиниот јазик на Македонците што зборуваат словенски не е баш јазик, туку природно инфериорен хибрид, пишува во пресудата. Според судиите од Апелацискиот суд во Кожани, македонскиот јазик е „говорен идиом што на крајот завршува како креолски јазик на хетерогени популации. Овој идиом никогаш не добил писмо и затоа нема проза, нема поезија и книжевност, а наместо тоа има песни, чија продукција престанала веќе на почетокот на 20 век. Овој идиом што се зборува во одредени краишта на Македонија, историски е надраснат и ја изгубил својата корисност и со тоа има тенденција да исчезне во текот на следните една или две генерации“.
Костопулос се чуди како можело да се заклучи дека словенските дијалекти на Македонија се како креолски јазик.
– Во лингвистиката, „креолите“ се јазиците создадени во европските колонии со мешање на јазиците на колонизаторите и поданиците (на пр. хаитски француски). „Екскреолизмот“ на македонскиот природно има идеолошки предзнак: негово сметање за „подреден“ јазик, недостоен за зачувување и заштита – размислување што го потврдува и вокабуларот на одлуката „помошен“ јазик, производ на „неписменоста“. Tоа било „историски надминато“ … – напиша Костопулос.
Тој ја поздрави реакцијата на Центарот за македонски јазик на изјавата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека ќе ги поддржи Македонците во Грција во барањето за нивното право. Од центарот порачаа дека ова е нивна борба и дека не им треба помош од страна.
Taсос Костопулос е еден од најлибералните историчари во Грција и автор на неколку книги меѓу кои и „Забранетиот јазик“, „Национални партии и раниот македонизам“… С.Т.