Фото: „Нова Македонија“

Грција

Со 159 гласа од 300-члениот парламент, грчката владејачка партија Нова демократија (ЕПП) го усвои буџетот за 2025 година, додека големо мнозинство гласаше за трошоците за одбрана. Гласањето се случи во услови на зголемено социјално незадоволство поради високите цени на основните производи. Гласањето за трошоците за одбрана доби 258 позитивни гласа наспроти 41, а вкупно седум партии гласаа за.
Според аналитичарите во Атина, позитивните гласови за трошоците за одбрана, исто така и од левичарските партии, покажуваат општ меѓупартиски консензус за потребата да се инвестира во одбраната, имајќи предвид дека Грција се смета за критичен дел од југоисточното крило на НАТО. Грција е меѓу членките на НАТО што постојано го надминуваат упатството за вложување на два отсто од БДП.
„За“ гласаа Нова демократија, Пасок, СИРИЗА, грчкото решение, екстремно десничарските партии и новоформираното левичарско Движење за демократија по распадот на СИРИЗА.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ја пофали опозицијата за нејзиниот став во однос на буџетот за одбрана и претстави табела што покажува дека Атина потрошила 3,5 милијарди евра во 2019 година, а се предвидува да потроши 6,1 милијарди евра во 2025 година.
– Осврнувајќи се на соседна Турција, министерот за одбрана Никос Дендиас изјави дека Грција се соочува со „реална и присутна закана“ и сугерираше дека ако Грција ги прошири своите поморски граници во Егејско Море, тоа ќе биде причина за војна – пренесува „Еурактив“.
Дендиас објасни и дека во споредба со Грција, Турција троши 14 пати повеќе пари на воена опрема.
За потсетување, „Ројтерс“ неодамна објави дека Грција е во преговори со Израел за развој на купола за противвоздушна и противракетна одбрана во вредност од две милијарди долари. Р.С.