Причина за новиот бран речиси секојдневни протести во Србија претставува потпишаниот меморандум за стратегиско партнерство за одржливи суровини со Европската Унија, а демонстрантите бараат меѓународната корпорација „Рио Тинто“, која планира да ископува литиум, да ја напушти земјата
Србија: Нов и засилен бран на протести против ископот на литиум
Протестите одржани во Сремска Митровица, Јагодина, Инѓија и други места низ Србија даваат сѐ погласен сигнал дека властите во Белград се соочуваат со сѐ пожесток отпор во врска со најавеното ископување литиум. Причина за новиот бран речиси секојдневни протести во Србија претставува потпишаниот меморандум за стратегиско партнерство за одржливи суровини со Европската Унија, а демонстрантите бараат меѓународната корпорација „Рио Тинто“, која планира да ископува литиум, да ја напушти земјата. Српската влада, пак, од ЕУ е охрабрена да почне ископот на рудното богатство, наспроти противењето на еколошките активисти, граѓанските движења и опозицијата.
Централниот протестен собир е закажан во Белград за сабота, кога истовремено е и рокот што еколошките организации ѝ го дадоа на српската влада за доставување до парламентот на закон за трајна забрана за геолошки истражувања и експлоатација на литиум и бор во Србија. Организаторите порачуваат дека целта на протестот во Белград е да се спречи владата да дозволи странски компании да отвораат рудници во Србија, при што најавија и поставување блокади.
Клучниот аргумент на незадоволните граѓани е дека ископот на литиум на западот од државата ќе предизвика немерлива штета на животната средина и локалната заедница, со нагласување на загриженоста за здравјето на населението. Досега се одржани протести во 32 града низ Србија, а најавени се демонстрации уште во дваесетина места.
Соочена со новиот бран протести, српската власт објави дека ќе формира специјален здравствен тим во Министерството за здравство, кој во подготвителна фаза треба да ги следи сите здравствени аспекти и закани од потенцијалното ископување литиум и стратегиски суровини.
Ископувањето литиум е планирано од компанијата „Рио Тинто“, во плодното земјоделско подрачје на регионот Јадар во западна Србија, откако беше актуализирано пред повеќе од две години. По првичните протести во јануари 2022 година, српската влада ѝ ја одзеде лиценцата на компанијата, но Уставниот суд неодамна ја укина таквата владина одлука. Набрзо потоа српската влада донесе нова регулатива со која плановите за ископување литиум повторно заживеаја, што беше причина и за нови протести. Р.С.