Фото: Маја Јаневска-Илиева

Корисници на социјалните мрежи во Хрватска масовно споделуваат пораки во кои повикуваат на бојкот на трговските синџири в петок, 24 јануари. Пораките за бојкот се поради високите цени на производите

Во Хрватска најавен широк граѓански бојкот на трговските синџири за да се намалат малопродажните цени на производите

Темата за високите цени и повиците од страна на хрватските граѓани за бојкот на трговските синџири влезе во сите медиуми во Хрватска. Беше ударна вест во печатените медиуми, а беше објавена и на сите портали. Во јавноста се остави впечаток дека одамна граѓаните не се обединиле така околу некоја појава изразувајќи волја да се обединат во намерата да направат нешто.
Имено, на 24 јануари во Хрватска ќе биде организиран граѓански бојкот против високите цени на храната. Се повикуваат граѓаните на социјалните мрежи да не одат во шопинг и да не купуваат ништо тој ден, нешто слично како што се организираат за неработниот ден недела. Ова граѓанска иницијатива и акција наликуваат на онаа организирана неодамна во Британија, каде што реакциите и бојкотот беа за горивото, каде што по акцијата цените беа намалени за 15 пени по литар, а се покачија и платите за 100 фунти месечно.
Според процената на иницијаторите на граѓанската акција во Хрватска, планирана за петок, доколку само десет отсто од луѓето во Хрватска се приклучат и ја поддржат, ќе следува голема јавна опомена до трговските синџири, а секако граѓаните ценат дека би имало и голема загуба за малопродажните синџири, кои „би ја научиле лекцијата“.
– Ако на тоа гледате како на политички избори, ништо нема да постигнете. Десет проценти од луѓето што го прават тоа причинуваат огромна загуба за малопродажните синџири, а вие нема да изгубите апсолутно ништо тој ден, но тие ќе загубат – се наведува во пораката што е масовно испратена до хрватските граѓани на социјалните мрежи.
Според хрватски медиуми, таа иницијатива засега има голем одзив. Дали бојкотот на продавниците в петок ќе има некој конкретен ефект врз касата на трговците на мало? Иницијаторите засега продолжуваат со својата кампања и се надеваат дека ваквиот начин ќе помогне да се намалат цените на малопродажните цени. Но, исто така, тие истакнуваат и дека доколку не се задоволни од ефектот постигнат со бојкотот в петок, на 24.1, тогаш се подготвени на ист начин да продолжат секој нареден петок.
– Ова нека биде само прв во низата петоци, бојкоти и прв во низата денови во кои ќе покажеме дека знаеме да мислиме со своја глава и да се бориме за нашите права – истакнуваат иницијаторите.

Ангел Митревски, наш постојан соработник од Сплит