Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека е задоволен од отвореноста, конструктивноста и искреноста на руската делегација во врска со Нафтената индустрија на Србија (НИС) и нагласи дека нема да има недостиг од нафта, нафтени деривати и нема да има енергетска криза.
Вучиќ објави дека имал отворен и искрен разговор со претседателот на Управниот одбор на „Газпром“, Александар Дјуков, и заменик-министерот за енергетика на Русија, Павел Сорокин.
– Нашите руски пријатели ја разбраа нашата порака. Разбравме кои се нивните интереси. Ќе направиме сè што е во најдобар стратешки и тактички интерес на Република Србија – рече Вучиќ во видео објавено на Инстаграм.
Тој им порача на граѓаните да „бидат смирени“ и додаде дека државата е тука да се бори за граѓаните, во нивно име и на нивна сметка.
– Не е лесно време и не е мал товар пред нас, но она што можам да им го кажам на граѓаните на Србија – нема да има недостиг од нафта, нафтени деривати, ниту пак некоја поголема енергетска криза во Србија – рече Вучиќ по разговорот со Дјуков за ситуацијата откако НИС беше погодена од американските санкции поради мнозинската руска сопственост во таа компанија.