Обвинителството на Град Софија отвори истрага за можна незаконска употреба на софтверот „Пегазус“ од страна на одредени државни структури. Истрагата е отворена поради основано сомнение дека државни органи го користеле споменатиот софтвер за незаконско прислушување бугарски државјани. Официјалното соопштение е лиферувано од страна на бугарското државното обвинителство.
Со отворањето на истрагата, надлежното обвинителство побарало асистенција од Националното биро за контрола на специјални разузнавачки средства (НБКСРС) и треба да се открие дали производот на израелската компанија „Пегазус“ се користел во државните структури и дали биле почитувани законските процедури за користење и примена во однос на конкретни граѓани, вклучувајќи го и овој софтвер. Вакви информации бараат и безбедносните служби како ДАНС, ДАТО, но и други служби. Инспекцијата треба да разјасни дали софтверот „Пегазус“ е продаден и обезбеден во Бугарија и евентуално каде е имплементиран.
Според Европската комисија, во вторник Европскиот парламент ќе разговара за информациите дека владите на ЕУ користеле шпионски софтвер против новинари, политичари и други.
Европратениците ќе побараат од француското претседателство со Советот на ЕУ и ЕК за можните дејства од страна на Европската Унија за запирање на незаконската употреба на шпионски софтвер за шпионирање опозиционери, активисти за човекови права, новинари и адвокати. Европратениците, исто така, најверојатно ќе се заложат за формирање истражен комитет.
Инаку, „Пегазус“ беше откриен по истрагата на конзорциум од новинари, која откри дека голем број дипломати, државници и политичари од целиот свет биле прислушувани преку израелскиот софтвер. Откритијата ги направи меѓународен тим на новинари, вклучувајќи ги и оние од „Вашингтон пост“, британскиот „Гардијан“ и германски „Зидојче цајтунг“, како и голем број невладини организации. Истрагата утврдила список со повеќе од 50.000 телефонски броеви што биле шпионирани во последните пет години. Меѓу нив беа францускиот претседател Емануел Макрон и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Израел подоцна формира комисија за да испита дали полицијата незаконски прислушувала јавни личности и новинари. Притоа во овој случај се појави бугарска врска – се покажа дека израелската компанија има канцеларија во Бугарија. Во таа фаза не се појавија докази дека софтверот се користел во земјата, но сега целиот случај повторно се актуализира.