Бугарија

По налог на бугарскиот премиер Кирил Петков тамошното министерство за внатрешни работи во наредниот период ќе спроведе голема полициска акција во земјата поради големиот број лажни ковид-сертификати меѓу граѓаните.
Овој чекор на бугарските власти доаѓа по објавените информации во тамошната јавност, во кои се вели дека голем број од починатите лица во болниците низ земјата од ковид-19 во изминатиот период всушност имале лажен сертификат за вакцинација. Во тој контекст, бугарскиот премиер Петков конкретно му наложил на министерот за внатрешни работи Бојко Рашков да ги истражи сите такви сомнителни случаи во земјата.
– Се надеваме дека побрзо ќе ги фатиме тие што издаваат лажни сертификати за вакцинација – рече Петков. Премиерот не соопшти дали Владата во Софија ќе донесе нови рестриктивни мерки во исчекување на зголемен број инфекции со сојот омикрон во земјата. Пред почетокот на новата година, Владата донесе неколку мерки за да ја поттикне вакцинацијата, која во земјата е на многу ниско ниво. Една од мерките за стимулација на населението да се вакцинира беше и додаток од 75 лева за пензионерите.

Подготви: Дејан Србиновски