Забавената политика на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и влошувањето на односите меѓу Исток и Запад се двата фактори што, според претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, создаваат кревка и деликатна ситуација во однос на политичката и безбедносната стабилност во регионот, јави дописничката на МИА од Атина.
Црногорскиот претседател во интервјуто за грчката новинска агенција АНА-МПА, говори за ЕУ перспективата, но и за ситуацијата на Западен Балкан, велејќи дека во последните неколку години регионот се соочува со „сè поамбициозно присуство на трети страни, кои настапуваат со политички платформи, спротивни со вредностите и политичките платформи на Европската Унија“.
– Многу е деликатна ситуацијата кога е во прашање политичката и безбедносната стабилност на Западен Балкан. Мислам дека сите забележуваме дека таа стабилност денес е покревка во споредба со пред само неколку години. Тоа е последица на две околности: Прво, многу забавената речиси запрена политика на проширувањето на Европската Унија што се однесува на иднината на земјите од Западен Балкан. Втората околност е радикалното влошување на односите меѓу Исток и Запад на глобално ниво. Ова влошување јасно се гледа на Западен Балкан и Балканот во целина, како пожелен терен за влез на различни глобални политички интереси – објасни Ѓукановиќ и додаде дека целта на овие трети страни е „да се запре евроатлантскиот тек на Западен Балкан“.
Во интервјуто потенцираше дека Грција има голема одговорност бидејќи многу добро го знае регионот, ги разбира предизвиците, а истовремено е членка на НАТО и ЕУ, па така, може да одигра важна улога и да ја убеди Унијата колку е важно проширувањето.
За кризата во Украина, Ѓукановиќ изразува надеж дека сепак ќе е надвладее логиката и вели дека постои ризик оваа криза да има влијание и на Балканот.