Со решителноста на младите да бидат вклучени во процесот на европска интеграција ќе се одлучува европската иднина на Западен Балкан, а не во Брисел, беше оценето денеска на конференцијата „Млади од Западен Балкан и ЕУ“.
Регионалната академија за развој на демократијата, во соработка со партнерски организации од Западен Балкан, организира дводневна регионална конференција (19-19 ноември) – „Млади од Западен Балкан и Европската унија: Обликување на нашата заедничка иднина“.
Наташа Вучковиќ, извршна директорка на Фондацијата Центар за демократија, во својот говор во Белград рече дека младите треба да бидат препознати како носители на промените, наведувајќи дека се борат за владеење на правото, достоинство и вистина.
– Сега, повеќе од кога било, тие јасно и храбро се залагаат за тие вредности. Оваа година ни покажа будење кај српските студенти и активисти, кои се мобилизираа мирно и одговорно, барајќи интегритет, транспарентност и повисоки демократски стандарди – рече Вучковиќ.
Според неа, нивните постапки покажаа едноставна, но многу важна вистина – дека младинските движења не се пречка за демократијата, додавајќи дека гласовите на младите луѓе покажаа дека инклузијата е неопходна и дека Западен Балкан е богат со генерација која е подготвена да се вклучи и да води промени.
Заменик-шефицата на делегацијата на ЕУ во Србија, Пламена Халачева, оцени дека дијалогот е местото каде што започнува напредокот, наведувајќи дека младите луѓе мора да се здружат и да бидат отворени, искрени и љубопитни да учат едни од други.
Халачева изјави дека ЕУ препознава дека младите луѓе имаат бројни предизвици – од економска несигурност, социјални нееднаквости, до растечкото влијание на климатските промени.
Државниот секретар во Министерството за надворешна политика, демографија и млади на Македонија, Фатмир Сабри, зборувајќи од Скопјe, оцени дека регионалната соработка е најголемата предност, а Западен Балкан има голем потенцијал. Тој изјави дека младите луѓе во регионот мора да бидат партнери едни со други, како и да бидат храбри да бараат промени, да предлагаат нови политики, да создаваат иновации, да ги охрабруваат институциите и да бидат нивни партнери во промените.
Раководителот на Одделот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, Мојца Криспер Фигероа, во своето обраќање од Сараево оцени дека младите луѓе мора да бидат овластени и вклучени и дека мора да седнат на масата каде што се носат одлуки.
Таа оцени дека на младите им е потребна економска и деловна сигурност, бидејќи тоа е предуслов за да се спречи „одливот на мозоци“ и да се задржат младите луѓе во регионот на Западен Балкан.
Раководителот на програмата за граѓанско општество, медиуми и млади во Канцеларијата на ЕУ во Косово, Аријана Чаку, изјави дека ЕУ инвестира близу 20 милиони евра во младински програми низ целиот регион на Западен Балкан.




































