Фото: Пицула/Фејсбук/Принтскрин

Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, рече дека резолуцијата за Србија не е напад врз неа и дека Европа не ја изневерила Србија, туку дека владата во Србија ги изневерила своите граѓани.

Пицула од говорницата на Европскиот парламент рече дека најдобриот начин да се оддаде почит на жртвите од падот на бетонската настрешница во Нови Сад е да се открие коренот на проблемот, што доведе до трагедијата.

– Трагедијата во Нови Сад покажува дека корупцијата не е обично злосторство, корупцијата ги уништува институциите и одзема животи. Оваа несреќа ги одразува некои од клучните структурни проблеми во Србија – нетранспарентното вклучување на странски актери во проектот, отсуството на контроли што би дозволиле користење на објектот бидејќи не се почитувале безбедносните стандарди, попречувањето на истрагата и независноста на судството по трагедијата и репресијата врз граѓаните кои сакаат одговорност и промени – изјави Пицула.

Известувачот на ЕП истакна дека владата во Србија повторува дека сака да се приклучи на Европската унија, но дека секој ден се повеќе отстапува од своите вредности.

– Напредокот се мери со конкретни реформи, а не со празни ветувања. Независните институции, слободните медиуми и граѓаните треба да бидат партнери на владата, а не мета на разни теории на заговор. Оваа дискусија и резолуција не се напад врз Србија, Европа не ја разочара Србија, владата во Србија ги разочарува граѓаните – рече Пицула.