фото: Пекселс

Босна и Херцеговина

Политичарите во Босна и Херцеговина не успеаја да се договорат за програмата за реформи неопходни за пристап до фондот од шест милијарди евра обезбеден преку планот за раст за Западен Балкан, пренесува „Ал џезира“.
Босна и Херцеговина сѐ уште има можност да напредува на патот кон членство во Европската Унија, а дали ќе успее во тоа е исклучиво прашање на волјата на нејзините политичари за соработка, изјави генералниот директор на Генералниот директорат за соседство и проширување во Европската комисија, Герт-Јан Купман.
Тој беше во дводневна посета на Босна и Херцеговина во обид да ги убеди тамошните политичари дека мора да постигнат компромиси и да го продолжат европскиот пат, кој е блокиран од март, кога Европскиот совет официјално го одобри отворањето на пристапните преговори под услов на спроведување дополнителни реформски закони.

Сепак, ниту еден од бараните закони досега не е усвоен во парламентот на БиХ, политичарите не успеаја да се договорат и за програмата за реформи неопходни за пристап до фондот од шест милијарди евра обезбеден преку планот за раст на Западен Балкан.
За време на одвоените состаноци со политичарите во Сараево, Купман повика да не се пропушта оваа можност, потврди делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина.
– Тој ги повика носителите на одлуки да ги усогласат нерешените прашања што ги спречија локалните власти да ја финализираат реформската агенда, што на крајот ќе ѝ овозможи на Босна и Херцеговина да добие средства од инструментот за реформи и раст од планот за раст – ​се наведува во соопштението..
Купман беше во Сараево на почетокот на неделата, во која се очекува политичарите од БиХ да докажат дали се подготвени да го спроведат минатонеделниот начелен договор постигнат на средбата во Бања Лука за деблокирање на спроведувањето на реформите. Тие најавија нова средба за денеска во Сараево. Р.С.