Остра критика на хрватскиот претседател Милановиќ кон либерален Брисел
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ во Њујорк изјави дека времето во кое живееме е без преседан, депресивно и не е добро, и дека луѓето на водечки позиции, особено во Европа, работат многу лошо и генерално не се дораснати на задачата.
– Некои работи се (не)решливи, а начинот на кој се решаваат води кон понатамошен антагонизам и евентуално војна – рече Милановиќ по средбата со Хрватите што живеат во Соединетите Американски Држави.
Хрватскиот претседател се осврна на состојбата во ЕУ и улогата на Хрватска во неа.
– За жал, работите не функционираат онака како што треба. Не мислам на привремените и повремени инвестиции на пари што доаѓаат во Хрватска за претежно непродуктивни проекти и работи што нема да ја направат Хрватска технолошка сила и нема да ја направат побогата земја. Но, би било подобро да го има тоа, бидејќи кога ќе престане, ќе имаме нови сериозни предизвици. Хрватска денес мора да биде лојална на сојузите во кои е членка и мора да ги почитува обврските што ги презела, но во исто време никогаш не смееме да дозволиме да бидеме вовлечени во комбинации и авантури што не сме ги осмислиле, бидејќи тоа не е солидарност. Никој не може да го бара тоа и нема да го добие, според мене. Мора да се погрижиме да не се истакнуваме премногу во сојузите во кои сме, во НАТО и во Европската Унија – рече хрватскиот шеф на државата.
Милановиќ, кој присуствуваше на Генералното собрание на ОН во Њујорк, го спореди денешното време со Студената војна, потсетувајќи дека тогаш било исклучително тешко и дека била потребна голема концентрација за различни луѓе да седнат и да разговараат за важни работи.
– Во последните дваесет години сè е скршено, безбедносната архитектура на светот, особено западниот свет и северната хемисфера, повеќе не постои – рече Милановиќ, повторувајќи дека денес „живееме во тешки времиња“ и затоа „мора да се погледнеме себеси, нашата работа и нашите интереси“.
Зборувајќи за војната во Газа, Милановиќ рече дека Хрватска може да се залага за признавање на Палестина, но оти велат дека тоа нема многу да промени. Р.С.