Фото: „Нова Македонија“

Европската Унија испрати силен сигнал до Тирана, 33,5 милиони евра од програмата ИПАРД 2 мора веднаш да се вратат, откако биле „нерегуларно искористени во текот на периодот 2020 – 2022 година“, јави „Лајме јаворе“, пренесува МИА.

– Истрагата на Европската канцеларија за борба против измами (OLAF) откри 52 случаи на злоупотреба на земјоделските фондови што ЕУ ги обезбедува за албанските земјоделци и земјоделско-прехранбениот сектор – наведува весникот во написот под наслов „Скандал! ЕУ откри масовна злоупотреба: Албанија треба да врати 33,5 милиони евра“.

Весникот пренесува изјава на Европската комисија дадена за А2 Си-ен-ен во која категорично се нагласува дека секој износ на средства што се користи на нерегуларен начин ќе биде вратен, додавајќи дека „Албанија мора да го третира ова прашање со најголема сериозност.“

– Уште полошо: Албанија има негативен рекорд во регионот, дури и над Турција, за злоупотребените средства. Во меѓувреме, ЕУ ги суспендираше и средствата од ИПАРД 3 – вкупно 146 милиони евра, од кои 112 милиони доаѓаат директно од Брисел. Доколку Албанија итно не спроведе корективни мерки, ризикува да ги изгуби сите средства до 2027 година –  наведуваат локалните медиуми.

Според нив, Комисијата потврдува дека во тек е билатерална постапка за да се види дали албанската влада ќе успее да ја врати довербата во институциите на ЕУ.

Во меѓувреме, прашањето го презеде и албанското Специјално обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК), кое истражува злоупотреби, како и тоа кој се бил корисник на средствата од ИПАРД.