Еди Рама / Фото: ЕПА

Наскоро вештачката интелигенција (ВИ) ќе ги замени политичарите за да ја ослободува Албанија од корупција. Имено, албанскиот премиер Еди Рама минатиот месец ја спомена вештачката интелигенција како алатка за искоренување на корупцијата и за зголемување на транспарентноста, велејќи дека „технологијата наскоро би можела да стане најефикасен член на албанската влада“!?

Во недостиг од чесни и квалитетни човечки ресурси, Тирана гледа спас во новите технологии

Додека остатокот од Европа се расправа за безбедноста и за обемот на користење на вештачката интелигенција (АИ), Албанија ја употребува модерната технологија за да ги забрза евроинтеграциите, а дури размислува и за воведување министерство управувано од вештачката интелигенција, пренесува „Политико“.
Албанскиот премиер Еди Рама минатиот месец ја спомена вештачката интелигенција како алатка за искоренување на корупцијата и за зголемување на транспарентноста, велејќи дека технологијата наскоро би можела да стане најефикасен член на албанската влада.
– Еден ден можеби дури и ќе имаме министерство целосно управувано од вештачка интелигенција. На тој начин нема да има непотизам или судир на интереси – рече Рама на прес-конференција минатиот месец, додека зборуваше за процесот на дигитализација.
Локалните програмери би можеле дури и да работат на создавање модел на вештачка интелигенција за избор на министер, со што Албанија би можела да биде „првата земја што ќе има цела влада со АИ-министри и премиер – додаде Рама.
Иако не се преземени формални чекори, премиерот Рама смета дека идејата треба сериозно да се разгледа.

Вештачката интелигенција ќе го преврти наопаку сегашниот концепт на демократијата

Бен Блуши, поранешен политичар од владејачката партија и автор со голем интерес за вештачка интелигенција, верува дека не треба да постои страв од технологијата и дека државите управувани од вештачка интелигенција се реална можност, кој би можела да го преврти сегашниот концепт за демократија наопаку.
– Зошто мора да избираме помеѓу две или повеќе човечки опции ако услугата што ја добиваме од државата може да ја извршува вештачката интелигенција. Општествата подобро ќе бидат водени од вештачка интелигенција отколку од нас, бидејќи таа нема да прави грешки, не ѝ треба плата, не може да биде корумпирана и не престанува да работи – рече Блуши.
Албанија долго време се бори со корупцијата во сите аспекти на општеството, а политиката не е исклучок. Владејачката партија има голем број функционери обвинети и осудени за корупција, додека лидерот на опозицијата Сали Бериша моментално се соочува со судење за корупција, а поранешниот премиер и претседател Илир Мета е зад решетки.
Вештачката интелигенција е алатка, а не чудо, според Јорида Табаку, членка на албанскиот парламент од опозициската Демократска партија. Таа рече дека во вистинските раце може да го трансформира управувањето, но дека во погрешни раце станува „дигитална маска за истата стара дисфункција“.
Иако ги поддржува дигиталните иновации и вештачката интелигенција, Табаку смета дека целиот систем на управување има потреба од ресетирање пред да може да се воведе вештачката интелигенција. Таа наведува дека мора да има јавни консултации и јасност околу тоа како ќе се применува технологијата, колку чини и, најважно, кој ги програмира алгоритмите.
– Ако истите актери што имале корист од корумпирани тендери се оние што го програмираат алгоритамот, тогаш не одиме напред. Во земја каде што 80 проценти од буџетот оди преку јавни договори, а една третина се доделува без вистинска конкуренција, вештачката интелигенција нема да ја исчисти корупцијата. Само ќе ја скрие подобро – порача Табаку.

Модерната технологија веќе е во игра

Вештачката интелигенција веќе се користи во администрацијата за управување со трнливото прашање на јавните набавки, област за која ЕУ побара зајакнување од страна на албанската влада, како и за анализа на даночните и царинските трансакции во реално време, идентификувајќи неправилности.
Врз територијата на Албанија се врши надзор од паметни дронови и сателитски системи што користат вештачка интелигенција за проверка на незаконски дејства на градилиштата и на јавните плажи, а трагаат и по плантажи со канабис во руралните области.
Дополнително, постојат планови за користење на вештачката интелигенција за борба за справување со проблемите на албанските патишта, преку користење технологија за препознавање лица, за дигитално издавање налог до мобилниот уред на возачот да забави со брзината, како и за испраќање детали за казни за пребрзо возење преку текстуална порака или е-пошта. Земјата моментално има една од највисоките стапки на фатални сообраќајни несреќи во Европа, според државната агенција за статистика, главно поради пребрзо возење.
Исто така, постојат аспирации за користење на вештачката интелигенција во здравството, образованието и дигиталната идентификација на граѓаните.
Зголемената употреба на вештачката интелигенција доаѓа во услови на поширок фокус на дигитализацијата во Албанија. Рама во јули објави дека сака земјата да биде безготовинска до 2030 година, префрлајќи се на дигитални плаќања. Албанија исто така неодамна префрли 95 проценти од сите граѓански услуги онлајн, преку портал наречен е-Албанија.
Сепак, не е јасно дали Албанија има вистински капацитет да го направи планираниот технолошки скок. Геронд Тачи, локален експерт за вештачка интелигенција, рече дека на земјата ѝ недостигаат експертиза, луѓе, знаење, центри за податоци и пари.
– Воведувањето таква технологија ќе бара и план чекор по чекор, со соодветни контроли и законски измени, а да не зборуваме за план за закрепнување од катастрофа – порача Тачи. Р.С.


Револуционерна употреба на вештачката интелигенција за усогласување на законите со ЕУ

Албанија го привлече вниманието на светската јавност минатата година кога премиерот Еди Рама објави дека вештачката интелигенција се користи за да ѝ помогне на државата на патот кон членство во Европската Унија.
По формалното отворање на преговорите во 2022 година, земјата започна со усогласување со законодавството на ЕУ, кое опфаќа околу четвртина милион страници со закони, правила и стандарди. Со убедливата победа на Рама на општите избори годинава, со кандидатура што во прв план го истакна членство во ЕУ до 2030 година, започната е трка за исполнување на ветеното.
Идејата е вештачката интелигенција да се погрижи за преводот, а потоа и да ја заврши тешката работа за идентификување на разликите во националните и законите на ЕУ, што за првпат ќе се користи во процесот на членство во ЕУ. Р.С.


На помош повикана креаторката на ЧетГПТ

Албанија соработува со Мира Мурати, поранешната главна директорка за технологија на американската компанија „Опен АИ“, која имаше водечка улога при креирањето на четботот со вештачка интелигенција ЧетГПТ, а која е родум од јужна Албанија.
– Контактиравме со Мурати првата недела по лансирањето на ЧетГПТ, кога дознавме за неговото постоење – откри Рама, додавајќи дека благодарение на таа соработка, преговорите со ЕУ се водат со помош на вештачка интелигенција. Р.С.


„Бебињата-лидери“ наидоа на измешани реакции

Вештачката интелигенција не се користи само за практични цели во Албанија. Во мај, околу 47 шефа на држави и влади од цела Европа дојдоа во Тирана на самитот на Европската политичка заедница и беа почестени со речиси двеминутно видео во кое електронска бебешка верзија од секој лидер, создадена со помош на АИ, ги поздрави на нивниот мајчин јазик, зборувајќи со детски глас.
Некои членови на публиката се смееја, додека други беа изненадени, а меѓународните медиуми беа фасцинирани од ексцентричната употреба на вештачката интелигенција на официјален настан. Р.С.