Хрватска

Секој трет вработен не е задоволен од својата плата, покажува годинешното истражување спроведено од групацијата „Алма Карер“ во 13 земји од Источна и Јужна Европа. Од 61.000 испитаници, само 27 отсто се задоволни од платата, додека најголем процент, 41 отсто, нема став за платата, односно ниту се задоволни ниту незадоволни.
Кога станува збор за состојбата во Хрватска, истото истражување покажа дека има поголем процент на незадоволни од платата (37 отсто), а нешто помалку задоволни (24 отсто). Но уште полошо од овие поразителни бројки е фактот што дури 59 отсто од хрватските граѓани, односно повеќе од половина, се чувствуваат потценето и недоволно платено со оглед на обемот на работа.
Значи, воопшто не е изненадувачки што повеќето испитаници сакаат покачување на платата; 33 отсто од испитаниците изјавиле дека би биле задоволни со зголемување на платите од 11 до 20 отсто. Нешто помалку од нив, 31 отсто, сакаат покачување од 30 до 50 отсто. Иако голем број студии покажаа дека чувството на припадност и ангажман е рангиран високо кога станува збор за задоволството на вработените, секој би им го препорачал својот работодавец на другите доколку е соодветно платен и награден за нивните напори. Зашто, „грнето оди по вода додека не се скрши“, би рекле нашите постари, што во овој случај можеме да го протолкуваме во смисла дека и недоволно платените работници имаат свои граници.
Посакуваната плата кај Хрватите, според истражувањето на порталот „Мој посао“, е во просек 1.335 евра, додека просечната нето-плата во август 2023 година била 1.131 евро. Сепак, желбата за покачување и фактичката ситуација се малку поинакви. Само секој петти Хрват, 19 отсто од нив, годинава добил покачување, додека 14 отсто од вработените добиле корекција поради инфлација. Последните податоци покажуваат дека повеќе од половина од испитаниците во истражувањето на „Мој посао“ годинава не добиле покачување, ниту пак очекуваат, додека 17 отсто од нив не добиле покачување, но се надеваат на тоа до крајот на годината.
Зголемувањето на платата зависи и од активностите. Меѓу добитниците е секторот ИТЦ, со реален пораст на просечната плата од 2,5 отсто (на 1.527 евра) и дејностите финансии и осигурување со раст од 4,6 отсто (на 1.546 евра). Дополнително, скок на минималната плата почувствуваа и најниско платените дејности, како што се административните и помошните услужни дејности (чистење, обезбедување, повикувачки центри), градежништвото, угостителството и туризмот и трговијата на мало.

Ангел Митревски, специјално за „Нова Македонија“ од Хрватска