Фото: Милорад Додик/Твитер

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик е прогласен за виновен пред Судот на БиХ по обвинението за „непочитување на одлуките“ на Кристијан Шмит, додека вршителот на должноста директор на „Службен весник“ на Република Српска, Милош Лукиќ е ослободен од одговорност.

Станува збор за првостепена пресуда која може да се обжали.

Во краткото обраќање до насобраниот народ пред зградата на Народното собрание на Република Српска, Додик потврди дека е осуден на една година затвор и ги повика граѓаните да бидат весели.

-Тие велат дека сум виновен. Веселете се, нема причина за загриженост- рече Додик.

-Ја нагласуваме важноста од целосно почитување на институциите на Босна и Херцеговина и независноста на нејзиното судство и потенцираме дека притисок врз судството и заплашувањето на судиите се неприфатливи – порачаа во заедничка изјава постојаниот известувач за БиХ на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, чешкиот европратеник Онджеј Колаж и претседавачот на Делегацијата на ЕП за односи со БиХ и Косово, хрватскиот европратеник Давор Иво Стиер по повод изречените пресуди за претседателот на Република Српска, Милорад Додик и поранешниот в.д. директор на „Службениот весник на РС“, Милош Лукиќ.

– Се согласуваме со бројните јасни пораки упатени изминативе денови и недели од Делегацијата на ЕУ во БиХ, Канцеларијата на високиот претставник, Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина и Управниот одбор на Советот за спроведување на мирот. Босна и Херцеговина е независна, суверена држава, чијшто територијален интегритет е неоспорен. Ги повикуваме сите актери во Босна и Херцеговина да покажат најголема воздржаност по денешната пресуда и да се воздржат од какви било политички закани и други потенцијално штетни активности – се наведува во изјавата.

Колаж и Стиер посочуваат дека Европскиот парламент постојано повикува на целни санкции против политичките актери чии активности ја дестабилизираат БиХ, вклучително и оние кои го загрозуваат и поткопуваат нејзиниот суверенитет, територијален интегритет и уставен поредок, особено Додик, но и други високи функционери на Република Српска и претставници на трети земји кои „обезбедуваат политичка и материјална поддршка на сецесионистичката политика“.

– Наместо да шири вознемирувачки и сецесионистички наративи, вклучително и закани, мерки и законски иницијативи кои грубо би го прекршиле Уставот на Босна и Херцеговина, раководството на ентитетот Република Српска треба целосно да се фокусира на итните чекори потребни за решително придвижување на интеграцискиот пат на Босна и Херцеговина кон ЕУ – се додава во заедничката изјава на Колаж и Стиер.

Судот на Босна и Херцеговина денеска го прогласи Додик за виновен по обвинението за непочитување на одлуките на меѓународниот висок претставник за БиХ, Кристијан Шмит и го осуди на една година затвор. Истовремено, Судот го ослободи Лукиќ од истото обвинение. И обвинетите и Јавното обвинителството имаат право на жалба на ваквите пресуди.

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, изјави дека е подготвен да разговара со сите претставници на бошњачкиот и хрватскиот народ и да ги отвори сите теми за тоа како Босна и Херцеговина да стане уставна и одржлива за сите, но дека српскиот народ нема да се придржува до правилата според кои ги губи сите права што ги стекнал.

-Не сакам да припаѓам во историјата на српскиот народ на оние политичари кои беа окарактеризирани како некој што на маса ги загуби сите наши победи. Затоа, инсистирам на тоа што е наше и што ни го даде Уставот на БиХ. Не бараме ништо повеќе. И ние мислиме дека БиХ може и треба да остане таква – рече Додик.

Тој најави подготвеност за разговари и за тешки теми, како што се судот, обвинителството и се останато. „Тоа го понудивме и претходно. Но, не сме подготвени да прифатиме игнорантски да се однесуваат кон интересите и правата на Србите овде и во Република Српска во целина“, изјави синоќа Додик на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ во Бања Лука.

Додик истакна дека мирот е примарен и дека нема да поддржи никаква активност насочена против кој било припадник на бошњачкиот или хрватскиот народ, како што нема да дозволи ништо да се направи против српскиот народ.

Тој нагласи дека РС е посветена на зачувување на мирот, не напаѓа никого, ниту подготвува какви било воени планови и ги повика сите луѓе да ја зачуваат стабилноста и мирот, но дека нема да дозволат РС да биде игнорирана.

-И затоа ќе се обидам многу добро да ги разберам пораките и сугестиите што самиот претседател (Вучиќ) ги изнесе овде. И утре раководството на Република Српска ќе не покани на разговори и тоа е основната намера на нашите желби овде. Да разговараме, да кажеме што може да се направи, што не може да се направи. Да ги запознаеме со променливите геополитички, политички и други односи како во регионот така и во светот. Ниту една педа од Федерацијата не не интересира. Ние не сме заинтересирани да им наметнуваме ништо, туку она што го сакаме исклучиво, го сакаме она што ни го даде Уставот и меѓународниот мировен договор – нагласи Додик.

Тој му се заблагодари на Вучиќ што пристигна во РС.
-Република Српска е горда што реагиравте како никогаш досега во историјата, ниту еден претседател на Србија, ниту кој било друг, и што дојдовте овде и покрај времето и проблемите што ги имате како претседател на меѓународно и на секое друго ниво. Ова е многу, многу важно за нас. Ние ја сфаќаме мировната улога што ја има Србија. Тоа е нејзина политика во регионална смисла, но тоа е и политика за зајакнување на самата Србија – посочи Додик.