Romania
Фото: ЕПА

Романските суверенисти се обединуваат околу еден кандидат во пресрет на претседателските избори

Џорџе Симион, лидерот на втората најголема партија во Романија, стана кандидат на десницата за претстојните повторени претседателски избори во мај, откако неговата сојузничка денеска се повлече од трката за да му ги зголеми шансите за влез во вториот круг.
Романија, членка на Европската Унија и на НАТО, ќе ги повтори изборите во два круга на 4 и 18 мај, откако Уставниот суд го поништи првиот круг од декември поради обвинувања за руско мешање во корист на радикалниот десничар и проруски фаворит Калин Георгеску. На Георгеску му беше изречена „забрана за кандидирање на повторните претседателски избори“. Тој беше предмет на репресија од страна на полициските и обвинителските органи во претходниов период. За тие постапки Брисел му даде поддршка на Букурешт, додека Вашингтон жестоко се спротивстави.
Доколку новиот кандидат на десницата Џорџе Симион успее да ги придобие гласачите на Георгеску, тоа може да влијае на натамошното политичко позиционирање на Романија во ЕУ, приближувајќи им се на Унгарија и на Словачка. Лично Георгеску засега не му дал поддршка на ниту еден кандидат, а Симион и Ана-Марија Гаврила, лидерка на партијата Млади луѓе (POT), постигнаа договор дека оној со поголеми шанси ќе добие поддршка. Денеска Гаврила официјално се повлече од трката.

Симион: На Романија ѝ треба единство!

Триесет и осумгодишниот Симион, кој ја води партијата Алијанса за обединување на Романците (АУР), успеа да ги мобилизира својата партија и своите симпатизери, да ги привлече работничката дијаспора и младите гласачи и за брзо време да стигне да биде водечка опозициска сила, критикувајќи ја либералната политичка елита.
„Денес, повеќе од кога било, Романија има потреба од единство на националните сили“, објави Симион на социјалните мрежи. Тој во своите изјави на социјалните мрежи тврди дека не е проруски ориентиран и вели дека „Романија треба поодлучно да ги следи сопствените интереси“. Според последните анкети, Симион има големи шанси да влезе во вториот круг, но заостанува зад центристичкиот градоначалник на Букурешт, Никушор Дан, кој на изборите се кандидира како независен кандидат. Р.С.