Србија

Познатиот холивудски актер Џони Деп вчера беше одликуван со Златен медал за заслуги на Република Србија, за неговиот исклучителен придонес за земјата во нејзините напори за проширување и унапредување на локалната уметничка заедница. Деп го прими златниот медал по повод Денот на државноста во палатата „Србија“, а му го врачи лично претседателот Александар Вучиќ. По врачувањето на медалот, Деп им се обрати на присутните и длабоко им се заблагодари за укажаната чест.
– Ова е навистина несекојдневен момент за мене и многу сум горд. Пред многу години бев благословен кога запознав необичен човек. Штом го видов, знаев дека не припаѓа во Холивуд. Неговото име е Емир Кустурица. Кустурица ми стана брат, неговото семејство стана мое, ги гледав неговите деца како растат. Тоа беше таа врска што ја направивме од првиот ден кога се запознавме. Кога те сака, тој навистина те сака, а кога не те сака, навистина не те сака. Овде, со Емир, направив филм со екипа што беше спектакуларна, со екипа што никогаш не беше уморна, иако беше исцрпена. Верувам дека има многу таленти што ќе ги најдеме овде и се надевам дека ќе бидам дел од тоа. Навистина сакам да ви се заблагодарам, претседателе Вучиќ. Драго ми е што ми го доделивте овој медал за заслуги. Ќе останам достоен и ќе сторам сѐ што е во моја моќ ова да биде олицетворение на мојата обврска овде. Имам страст за сѐ овде – ќебапи… некој ми кажа нешто за сливова ракија, но не сум имал шанса да ја пробам, можеби еднаш – Џони Деп низ смеа ги проследи последните зборови.
Познатиот актер последен пат го посети Белград во октомври минатата година кога ја промовираше анимираната серија „Пафинс импосибл“, произведена во Србија и создадена во студиото за производство на анимирани содржини, во сопственост на Андреа Иерволино и Лејди Моника Бакарди, основачи на матичната компанија „Јерволино енд Лејди Бакарди ентертејмент“ (ИЛБЕ), додека продукцијата ја потпишува „Архангел диџитал студио“ (АДС) на Милош Биковиќ.