Фото: „Нова Македонија“

Албанија

Кај албанските медиуми речиси нема текст во кој се осудува навивањето на Шкендија.
Веројатно нема ниту албански политичар што го осудува албанското навивање, додека за македонското навивање реагираше целата политичка елита на Албанците во регионот, меѓу кои премиерот на Косово, Албин Курти, претседателката на парламентот на Албанија, Спиропали, Ахмети…
Триста вести беа емитувани во медиумите на албански и македонски јазик, како и во регионот, за скандалот на кошаркарски натпревар во Куманово каде што македонски навивачи скандираа антиалбански пароли, пишува весникот на албански јазик „Флака“. Случајот беше опширно објавен и во албанските и косовските медиуми.
Лавина од реакции во Македонија, Косово, Албанија, реагираа политичари, и албански и македонски, јавни личности, интелектуалци, новинари… Веројатно никогаш немало толку реакции за ваква појава, која додуша не е нова, и тоа не само кај Македонците, туку и кај Албанците, па и пошироко. Дека настанот е за осуда, секако, негувањето навивачка омраза никому не му носи добро, уште помалку на тие што ја практикуваат, тоа е само расипничка деструктивна енергија, која нема позитивен придонес во општеството.

Ама, сепак, останува видлив дисбалансот во реакциите за антиалбанското скандирање на кошаркарскиот натпревар на Македонија против Романија во Куманово и за националистичките и иредентистички навивања на навивачите на Шкендија во Скопје, кои следуваа потоа на натпревар од квалификациите за фудбалската Лига на шампионите против азербејџански Карабах. Според „Флака“, за навивањето во Куманово имало 300 текста, додека за навивањето на Шкендија едвај десетина, и тоа повеќе како штуро известување дека МВР ќе поведе истрага. Кај албанските медиуми речиси нема текст во кој се осудува навивањето на Шкендија.
Веројатно нема ниту албански политичар што го осудува албанското навивање, додека за македонското навивање реагираше целата политичка елита на Албанците во регионот, меѓу кои премиерот на Косово, Албин Курти, претседателката на парламентот на Албанија, Спиропали, Ахмети, Меџити итн. Кошаркарската федерација на Албанија го пријави во ФИБА натпреварот Македонија – Романија, по што од ФИБА најавија истрага, а можни се и санкции.
Останува и тоа дека во целата лавина од реакциите пренесени во медиумите, многу од нив содржат навреди кон Македонците, нарекувајќи нѐ дури Бугари или славомакедонци, термин што релативно често може да се сретне во медиумите на албански јазик и без некој посебен повод во некоја колумна или пренесено од некој гостин-соговорник. Р.Н.М.