Директорот на Безбедносно-информативната агенција (БИА) Александар Вулин соопшти дека поднесува неотповиклива оставка, наведувајќи дека „САД и ЕУ ја бараат неговата глава како предуслов за да не се воведат санкции кон Србија“.
Како што наведе во соопштението, српскиот претседател Александар Вучиќ и Србија се соочуваат со „закани и уцени кои можат да се споредат само со австроунгарскиот ултиматум од 1914 година“, пренесе „Танјуг“.
– Од нас се бара да го признаеме Косово, да ја напуштиме Република Српска и да престанеме да бидеме суверена земја и нација со воведување санкции кон Руската Федерација. Доколку се согласиме да го сториме тоа, следното барање би било протерување на кинеските инвестиции, безусловна технолошка и економска зависност од Западот, како и продолжување на политичкото и територијално распаѓање на Србија и прифаќање на западните вредности во кои нема место за традиционалното семејство и нација, а на крајот ниту за социјалната правда – рече Вулин.
– САД и ЕУ ја бараат мојата глава како предуслов за да не се воведат санкции кон Србија. Јас не сум причина за уцени и притисок врз Србија и „српскиот свет“, но нема да дозволам да бидам причина за уцени и притисок врз Србија и „српскиот свет“. Затоа поднесувам неотповиклива оставка од функцијата директор на БИА – рече Вулин.
Според неговите зборови, санкциите што му се воведени се доказ за „неговата упорна борба за единство на Србите“.
– Воведувањето санкции против Србија, за кои би се користило моето понатамошно водење на БИА, ќе биде доказ за мојата себичност – тврди тој.
– Мојата оставка нема да ја промени политиката на САД и ЕУ кон Србија, но ќе ги забави нивните барања и уцени. Тие не добија санкции против Русија, не добија српско признавање на Косово, но добија една српска глава. Одбивам да станам дел од антируската и антисрпската хистерија поради каква било позиција – додаде тој.
– Ова е мала победа за САД и ЕУ, но и голема победа за мене, бидејќи докажав дека Србија и српскиот народ вредат секоја жртва – порача Вулин.