По упадот на косовската полиција во општинските простории на северот на Косово, тензиите дополнително пораснаа
На едностраните потези на косовскиот премиер Курти реагираше Европската Унија, како и САД, кои ги повикуваат косовските власти да се воздржат од потези без консултација со меѓународниот фактор
Последните случувања околу запоседнувањето на општинските простории на Србите на северот на Косово од страна на косовската полиција дополнително ги разгоре тензиите во регионот, а одлуката на локалните српски власти да ги блокираат административните гранични премини кон Србија дополнително ја комплицира целата ситуација.
На едностраните потези на косовскиот премиер Курти реагираше Европската Унија, како и САД, кои ги повикуваат косовските власти да се воздржат од потези без консултација со меѓународниот фактор.
Портпаролот на Европската Комисија, Петер Стано, оцени дека ситуацијата во Косово е мошне нестабилна и им порача на приштинските власти да избегнуваат какви било активности и чекори што се еднострани, некоординирани и можат да придонесат за зголемување на тензиите и дополнителна ескалација на ситуацијата.
– Нема да го повторам она што го кажавме во нашата реакција минатата недела кога беше извршена операција на северот на Косово против српските институции, но ситуацијата веќе е доста нестабилна и тоа е нашата главна грижа – изјави Стано.
Сличен став пристигна и од американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил, кој ги повика косовските власти да ги почитуваат претходно постигнатите договори.
Несомнено последните случувања во Косово и предупредувањата што пристигаат од меѓународната заедница навестуваат дека на терен има некакво придвижување и дека е можна извесна дестабилизација, која лесно би можела да излезе од контрола и да се прелее и во соседството.
– Потезите на Курти наидуваат на вербална осуда од страна на меѓународната заедница, но во пракса не гледаме чекори што би значеле и некакви реперкусии за косовскиот премиер. Вака, со акциите со кои наводно сака да воспостави целосен суверенитет врз Косово, тој само си го билда рејтингот во пресрет на изборите. Ако ЕУ и САД имаат вистински проблем со неговото однесување, тогаш ќе наметнеа некакви санкции што ќе ги почувствуваа директно косовските граѓани, како намалување на пристапот до европските фондови или замрзнување на визната либерализација и на тој начин Курти немаше да ја ужива поддршката од граѓаните, туку ќе беше предмет на критики. Не може да се отфрли ниту сценариото за одредена дестабилизација на северот, која од контролирана лесно може да се претвори во неконтролирана и да се прошири во регионот. Постојат сили и во Косово, но и во регионот на кои може да им користи некаква дестабилизација за заштита на криминалните активности – коментираат дел од српските аналитичари.
Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово, поранешниот премиер, Рамуш Харадинај, вели дека косовската полиција се наоѓа под политички притисок од премиерот Албин Курти, кој, според Харадинај, ја користи оваа безбедносна институција „за изборни интереси додека е на власт“.
Несомнено и неодамнешната посета на првиот човек на ЦИА, Вилијам Барнс, на регионот говори за американски индиции за постоење на некакви дестабилизирачки сценарија, а американските проекции се дека тоа би можело да започне токму со тензии на северот на Косово, кои би се прелеале и во околните земји. С.Т.