Ситуација во регионот на Бургас постепено се нормализира по големите поплави преизвикани од поројните дождови што ја зафатија Бугарија во изминатите денови. Во североисточниот дел од земјата и денеска е прогласен жолт аларлм за можно невреме, а се следат и тековите во сливот на реките Тунџа, Јантра и Марица.
Бугарските власти соопштија дека во текот на изминатите 24 часа, одговорено е на 340 повици за предизвикана штета од невремето. Од нив 218 биле за паднати дрвја, 100 за поплавување и 22 за обезбедување помош и евакуација. Полициските, жандармерските и противпожарните служби евакуираа над 100 луѓе во погодените населби, од кои 17 се деца.
Над 80 населби се без електрична енергија. Состојба на катастрофа е прогласена во општините во регионот на Бургас, Монтана, Видин, Перник и Крџали, а вонредна состојба во Несебар, Царево, Перник, Крџали.
Во округот Бургас, ситуацијата останува најтешка во Царево, Свети Влас и одморалиштето Елените. Делови од Созопол, селото Лозенец и две населби во општина Карнобат се без електрична енергија.
Дел од патиштата се затворени поради паднати дрвја, а десетици населби се отсечени.
Бугарското Министерство за внатрешни работи соопшти дека се ангажирани дополнителни сили кои им помагаат на локалните власти во надминување на последиците во поплавените населби. На терен се и припадници на армијата.