Делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) ќе престојува во Србија од 1 до 4 април, за да ги набљудува претседателските и вонредните парламентарни избори, јави дописникот на МИА од Белград.
Покрај делегацијата на ПССЕ, која ќе ја предводи полскиот парламентарец Александар Почеј, претседателските и вонредните парламентарни избори, исто така, ќе ги набљудуваат и преставници на Европскиот парламент, Парламентарното собрание на ОБСЕ и Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР).
Пред следењето на самиот чин на гласање на 3 април, делегацијата на ПССЕ составена од 19 члена ќе има средби со лидерите и претставниците на политичките партии, со мисијата на ОДИХР за проценката на изборите, со претседателот на Републичката изборна комисија (РИК) и со претставници на невладини организации и медиуми.
Ден по изборите, членовите на Делегацијата на ПССЕ ќе одржат прес-конференција, соопштија од Советот на Европа.
Правната поддршка на делегацијата на ПССЕ ќе и пружи Венецијанската комисија, орган на Советот на Европа, која ги обединува независните правни професионалци.