Фото: ЕПА

БЕЗБЕДНОСНИ ИНДИКАТОРИ: ОД „ОДБРАНБЕНИ БАЛКАНСКИ СОЈУЗИ“ ДО ВОЕНИ КОНФЛИКТИ НА ТЕРЕНОТ

Повод: Трилатерална средба на воени претставници на Албанија, Хрватска и Kосово за понатамошните оперативни чекори од меморандумот за воена соработка

Деновиве беше одржан нов трилатерален состанок на претставници на Албанија, Хрватска и Kосово, на кој беа договорени понатамошните оперативни чекори од „воениот пакт“. За потсетување, тој беше рамковно склучен со потпишување меморандум за соработка од оваа област во март минатата година. Трилатералната безбедносна соработка меѓу Загреб, Тирана и Приштина официјално се претставува како „одбранбен механизам, насочен кон стабилност, интероперабилност и евроатлантска интеграција“.
Но, кога политичките декларации се споредуваат со реалните процеси на терен, се наметнува сериозно прашање: Дали станува збор за безбедносна координација или за уште една фаза во долготрајниот балкански модел на контролирана нестабилност?
Според нашите соговорници за ова прашање, историјата на регионот покажува дека конфликтите ретко започнуваат одеднаш. Тие се градат чекор по чекор – од мали жаришта и конфликти, преку политичка радикализација, сојузења, создавање „сиви зони“ на одговорност, паралелно и постепено јакнење паравоени структури што формално не постојат, но фактички дејствуваат. Феноменот на милитаризација е заеднички именител и на институционално и на параинституционално ниво.

МЕМОРАНДУМИТЕ, ДЕКЛАРАЦИИТЕ И РЕАЛНОСТА НА ПРОЦЕСИТЕ НА ВООРУЖУВАЊЕ

Меморандумот за соработка во одбраната меѓу Хрватска, Албанија и Косово формално опфаќа четири области: развој на одбранбени капацитети, заедничка обука и вежби, борба против хибридни закани и поддршка на евроатлантските интеграции. На хартија – ништо спорно.
Но, во пракса, клучниот ефект од овој договор е забрзано јакнење на т.н. Косовски безбедносни сили (КБС). Производството на оклопното борбено возило „шота“ на територијата на Косово, проектно развиено во Албанија, не е само индустриска соработка туку и јасен сигнал за трансформација на КБС во де факто армија – процес што е во директна колизија со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.
Дополнително, масовната набавка на беспилотни летала од Турција, испораките на американски мобилни хаубици, најавените хеликоптери „блек хок“, како и изградбата на фабрика за муниција, создаваат впечаток дека не станува збор за одбранбена структура со ограничен мандат, туку за офанзивно ориентиран безбедносен апарат.

ИСТОРИСКИ ОБРАЗЕЦ ШТО НАМ ПОСТОЈАНО НИ СЕ ПОВТОРУВА

За оние што го следат Балканот подолго од последната деценија, овој развој не е нов. Особено кога станува збор за Косово, односно тенденциите од националистички, шовинистички и сепаратистички карактер и позициите што се прелеваат од таму во Македонија, како сврзани садови. Слична динамика беше видлива и во доцните 1990-ти години, кога УЧК започна како лабава паравоена формација, поддржана логистички и политички од надвор, за подоцна да прерасне во клучен воен фактор во конфликтот.
Истата структура, под друго име и со делумно изменета организација, во 2001 година ја пренесе кризата во Македонија, напаѓајќи ги нашата легитимна војска и полиција и државата, се разбира. Еден вид континуитет на овој модел беше и оружениот инцидент во кумановското Диво Насеље, каде што повторно се појави добро вооружена паравоена група, логистички поврзана со Косово.
Во сите овие случаи, сценариото беше слично: политичка легитимација преку наратив за загрозеност, милитаризација под превез на самоодбрана, премолчна или отворена поддршка од поголеми безбедносни актери и ескалација што на крајот се претставува како „борба за човекови права“, со увоз од Косово. Затоа, вклучувањето на Косово во формални или полуформални безбедносни сојузи, без поширок регионален консензус, создава чувство на исклученост и закана кај преостанатите актери. А на Балканот, повеќе од каде било, се покажало дека чувството на закана е најбрзиот пат до конфликт.
Ако историјата нешто нè научи, тоа е дека паравоените структури не се раѓаат прекуноќ – тие се создаваат систематски, со политичка поддршка, финансиски ресурси и геополитички интереси. Денешните „одбранбени меморандуми“ може лесно да станат утрешни безбедносни генератори.
Прашањето не е дали регионот повторно ќе влезе во спирала на нестабилност, туку дали овој пат постои доволно политичка мудрост за таа спирала да се прекине пред да стане неконтролирана. Р.Б.


Асоцијации што се будат во македонската јавност со појавите на вооружување на Косово и создавање „воени пактови“

Косово како логистичка и оперативна база (за нападите врз Македонија)

Првиот оружен инцидент што ја означи ескалацијата на конфликтот во 2001 година се случи во селото Танушевци, на самата граница со Косово. Група вооружени лица, подоцна идентификувани како припадници на т.н. ОНА (Ослободителна национална армија), ја нападнаа македонската полиција. Клучен факт беше дека границата и селата по должината на границата де факто функционираа како транзитна зона меѓу Косово и Македонија, дека напаѓачите се повлекуваа на косовска територија по извршените напади и дека македонските безбедносни сили немаа можност за прогон поради меѓународниот режим на границата и присуството на КФОР. Тоа практично создаде безбедносен вакуум, кој беше искористен за понатамошна милитаризација. Територијален генератор на кризата беше токму – Косово. По формалното распуштање на ОВК во 1999 година, значителен дел од нејзиниот кадар не беше демобилизиран, туку пренасочен. Оружје, муниција и логистички канали останаа активни токму на Косово, во близината на македонската граница, истите луѓе, со истата идеологија, се појавија како јадро и идеолози на ОНА. Настаните во Арачиново (јуни 2001) се сметаат за еден од најконтроверзните моменти. Имено, добро вооружена парамилитантна група беше опколена од АРМ и, наместо разоружување, беше овозможена евакуација под меѓународен надзор, а голем дел борци се вратија на Косово, без правни последици. Косово остана безбедна заднина за преструктурирање и „конзервирање“ за некоја друга, нова пригода. Така, кумановско Диво Насеље во 2015 година стана како реприза на стариот модел. Во мај 2015 година вооружена група составена претежно од државјани на Косово и поранешни борци нелегално влезе во Куманово. Официјалните истраги потврдија дека групата се подготвувала и координирала од Косово и дека целта не била класичен криминал, туку дестабилизација.

Уште една потврда на образец што се повторува создавајќи нелагодност

Во сите случаи се појавуваат истите елементи: Косово како логистичка и кадровска база каде што има парамилитантни формации со националистичка идеологија, а секако и меѓународен фактор што реагира доцна или селективно. Македонија не е изолиран случај, туку дел од поширок регионален шаблон. Кога една територија ќе стане безбедносно недопирлива зона, таа неминовно се користи како платформа за проекција на нестабилност. Денешното институционално јакнење на безбедносните структури во Косово мора да се анализира токму низ оваа историска призма. Р.Б.