Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ денеска оцени дека Резолуцијата на Европската Унија за изборите во Србија е политички памфлет кој не ги обврзува другите институции да постапуваат по неа, но дека останува горчливиот вкус дека Србија е извалкана, јави дописникот на МИА од Белград.
Тој изјави дека постизборните потези на опозицијата се стратегија да се избегне признавање на „тежок изборен пораз“ и да се „извлече што поголем бенефит од уште една изгубена битка“.
– Изборите во секоја демократска држава се исклучиво внатрешно прашање и никој од надвор не може да се меша во нив. Ниту една држава која има минимум достоинство нема да го дозволи тоа – рече Дачиќ во интервјуто за весникот „Курир“.
По повод седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации во САД, на која говореше и српскиот претседател Александар Вучиќ, Дачиќ рече дека тоа покажува оти Србија е почитувана на меѓународната сцена, дека нејзините ставови одекнуваат и дека се почитуваат дури и од оние кои ја поддржуваат Приштина најмногу.
– Србија постигна неколку многу важни работи, прво беше прифатено нашето барање за итна седница на Советот за безбедност, потоа успеавме да обезбедиме седницата да биде отворена за јавноста и на крајот со говорот на претседателот Вучиќ, го дадовме нашиот најубедлив аргумент во однос на ситуацијата на Косово и Метохија, кој никој не може да го побие – рече Дачиќ.
Тој изјави дека е свесен оти има земји од кои не може да се очекува да го променат ставот за прашањето за Косово и дека ако Србија не го крене гласот, тоа никој нема да го направи за неа.