По директниот разговор меѓу црногорскиот премиер Милојко Спајиќ и францускиот претседател Емануел Макрон, на Црна Гора ѝ се отворени вратите за затворање на пет преговарачки поглавја во пристапните преговори со Европската Унија (ЕУ) до крајот на оваа година. Меѓувладината конференција на која тоа ќе биде формализирано, како што беше најавено претходно, ќе се одржи во вторник – објави Радио телевизија Црна Гора (РТЦГ).
Спајиќ разговараше и со германскиот канцелар Фридрих Мерц, со голем број министри за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија, со тројца европски комесари, како и со претставници на администрацијата на Европската Унија, што, како што беше објавено, придонесе за надминување на некои пречки во преговарачкиот процес.
На Меѓувладината конференција, Црна Гора ќе ги затвори поглавјата: 3 – Право на основање претпријатија и слобода на давање услуги, 4 – Слободно движење на капитал, 6 – Право на трговските друштва, како и поглавјата 11 – Земјоделство и рурален развој и 13 – Рибарство.
Франција го промени ставот
Иако Франција претходно на седницата на Работната група на Советот на ЕУ – COELA го блокираше затворањето на поглавјата 11 и 13, директните разговори на највисоко политичко ниво доведоа до промена на ставот и давање зелено светло за затворање на сите планирани поглавја.
Министерот за земјоделство, Владимир Јоковиќ, претходно изјави дека Црна Гора направила сѐ што е неопходно во врска со поглавјата 11 и 13.
– Го сработивме и исполнивме сѐ што бараше Европската комисија – рече Јоковиќ.
Спајиќ на 16 декември ќе биде во Брисел, каде што по формалната церемонија на затворање на поглавјата ќе одржи прес-конференција заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и европската комесарка за проширување, Марта Кос.
Исто така, и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, комуницирал со државниот врв на Франција, истакнувајќи ја важноста да се даде поддршка на Црна Гора да ги затвори сите пет поглавја на Меѓувладината конференција овој месец.
Канцеларот на Германија, Фридрих Мерц, изјави дека со Црна Гора треба да се започне работа на Договор за пристапување кон Европската Унија. Тој тоа го изјави пред неколку дена на заедничка прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Марко Руте.
– Овде сакам јасно да кажам: токму со Црна Гора, која веројатно најмногу напредуваше меѓу кандидатите, сега можеме да преминеме на следниот чекор и наскоро да започнеме со работа на Договорот за пристапување. Тоа е и во наш интерес, бидејќи колку поблиску сме поврзани, толку подобро можеме да дејствуваме заедно во Европа. Тоа особено се однесува на ограничувањето на нелегалната миграција. За нашите две земји тоа е од големо значење – рече Мерц.
Потпретседателот на парламентот, Борис Пејовиќ (ПЕС), соопшти дека Црна Гора сепак ќе затвори пет поглавја во преговорите со ЕУ до крајот на оваа година.
„Сепак затвораме пет преговарачки поглавја. Меѓутоа, неизвесноста што траеше од вчера до денеска потврди дека нема никакво прогледување низ прсти кога станува збор за полноправното членство на Црна Гора во ЕУ, поради наводно поволни геополитички околности, туку се вреднуваат исклучиво постигнатите резултати“ – наведе Пејовиќ на Фејсбук.
Тој додава дека неизвесноста предизвикана од дилемата дали затвораат три или пет преговарачки поглавја, помогнала појасно да се согледа кој искрено се залага за полноправно членство на Црна Гора во ЕУ, а кој се надевал дека досегашниот труд и работа ќе бидат залудни.
„Во мандатот на сегашната Влада до крајот на годината ќе бидат затворени девет преговарачки поглавја, од вкупно 12 затворени преговарачки поглавја откако започна преговарачкиот процес меѓу Црна Гора и ЕУ“ – рече Пејовиќ.
Со затворањето на пет поглавја, Црна Гора би влегла во следната, веројатно и одлучувачка година, со 12 затворени поглавја, но останува целта до 2026 година да бидат затворени повеќе од 20 поглавја, за да се стекнат услови земјата да пристапи кон ЕУ до крајот на 2028 година.
Црна Гора ги исполнила сите услови и за затворање на Поглавјето 31 (Надворешна, безбедносна и одбранбена политика), но претходно одлуката за тоа беше одложена бидејќи тоа го побара Хрватска.
Црна Гора доби статус на кандидат во декември 2010 година, а преговорите ги отвори во јуни 2012 година. Досега има отворено 33 преговарачки поглавја.



































