Основниот суд во Приштина осуди на вкупно 22 години затвор четворица косовски Срби обвинети за вмешаност во убиството на политичарот Оливер Ивановиќ, што се случи во јануари 2018 година во Северна Митровица, јави дописникот на МИА од Приштина.
Судот ги прогласи за виновни Марко Рошиќ, Недељко Спасојевиќ, Драгиша Марковиќ и Жарко Јовановиќ, а Силвана Арсовиќ и Раде Басара се ослободени.
Марко Рошиќ е осуден на десет години затвор и парична казна од 10.000 евра, Недељко Спасојевиќ на четири години и шест месеци затвор и 4.500 евра. Полицајците Драгиша Марковиќ и Жарко Јовановиќ се ослободени од обвинението за злоупотреба на службената положба, но осудени се на по четири години затвор за кривичното дело недозволено поседување, употреба и контрола на оружје, објави судијата Ваљон Куртај. Во казната ќе им биде вклучено и времето поминато во притвор и домашен притвор.
На изрекувањето на пресудата не присуствуваа обвинетите, туку само нивните бранители. Судењето на обвинетите за помагање во убиството на Оливер Ивановиќ започна во јули 2021 година, две и пол години по убиството. За овој случај во бегство се Жељко Бојиќ, Звонко Веселиновиќ, Милан Радоичиќ и уште двајца непознати обвинети.
Канцеларијата за Косово и Метохија на српската Влада соопшти дека денешната скандалозна пресуда против четворицата Срби, кои судството на Курти на секој можен начин се обидува да ги поврзе со убиството на Оливер Ивановиќ, е политички мотивирана и инструирана со цел дополнително да го криминализира српскиот народ на Косово, а се со цел Приштина да ја сокрие вистинската заднина и сторителите на ова мачно убиство.
Канцеларијата наведе дека пресудата е донесена без конкретни докази, под силен политички и медиумски притисок од Приштина, додавајќи дека таа е темпирана токму на Видовден за Приштина да создаде ново шоу за јавноста и повторно да ги нападне Србите.
Канцеларијата посочува дека Србите биле осудени уште пред самиот судски процес, како и дека обвинението три пати било менувано во текот на самото судење.
– Зошто беше изречена пресудата на Видовден, најголемиот празник на српскиот народ на Косово, ако не за Приштина да создаде ново шоу за јавноста и повторно да ги нападне Србите? Одамна е познато дека за Србите во Косово нема ниту права, ниту правда, и дека за нив важи нардоната „кадија и ги тужи и ги суди“, што покажува и денешната пресуда – се наведува во соопштението.
И покрај се, додаваат оттаму, ќе продолжиме да се бориме за откривање на вистината за убиството на Оливер Ивановиќ и никогаш нема да ги прифатиме монтираните судења на Курти, политичките пресуди и криминализацијата на Србите, соопшти Канцеларијата за Косово и Метохија на српската Влада.
Оливер Ивановиќ беше убиен со шест истрели во грбот утрото на 16 јануари 2018 година, пред седиштето на неговата граѓанска иницијатива „Слобода, демократија правда“ во Северна Митровица.