Средба на бугарските владејачки коалициски политички партии по прашањето за Македонија
Прексиноќа во Софија беше одржана четирипартитна средба на највисоко ниво, од страна на лидерите на четирите коалициски партиски партнери што партиципираат во власта на Р Бугарија. Тоа се Продолжуваме со промената, Има таков народ, БСП и Демократска Бугарија. Лидерите на споменатите политички партии на состанокот во Софија ја потврдија својата решеност да не отстапат од претходно утврдените ставови, поткрепени со Резолуцијата донесена во бугарскиот парламент, а во врска со условите под кои Бугарија ќе се согласи да започне преговарачки процес за пристапување на Македонија во Европската Унија. Тие услови вклучуваа враќање на рамковната позиција, усвоена во 2019 година, и содржат долга листа барања, кои ги заострија односите меѓу Софија и Скопје, затоа што содржат ултиматуми, хегемонистички позиции на Софија, а и барања со кои се прекршуваат принципите на меѓународното право.
Ковачев (не) го разбира прашањето за Македонија
Состанокот дојде, меѓу другото, и како резултат на обвинувањата кон премиерот на Бугарија од повеќе страни, пред сѐ од оние што го критикуваат дека е можно наскоро да биде крената блокадата на Софија и дека има напредок во работата на историската комисија. Во тие напади, најгласен беше европратеникот на ГЕРБ, Андреј Ковачев, кој го обвини премиерот дека ќе извршел „национално предавство“.
– Петков е апсолутно неподготвен, не ја разбира темата, очајно е површен и е подготвен да изврши национално предавство. За каква експедитивност од бугарска страна зборува Петков, за какви малцинства зборува овој човек, какви меморандуми ќе потпише, каков напредок има направено историската комисија, дали МНР учествува во преговорите или е изолирано, кој воопшто „преговара“ – изјави Ковачев.
Ковачев тврдеше дека Петков можел да ѝ направи голема штета на Бугарија.
– Во Скопје станале страшно дрски, бидејќи Петков ги уверил дека ќе ги пушти – обвинуваше Ковачев.
По ваквите зборови и по информациите добиени за содржината на состанокот на првите луѓе на владејачките партии во моментов, останува заклучокот дека Петков едноставно го свикал за да им докаже на своите критичари, но и на поддржувачите, дека нема никакво поместување од ставовите на официјална Софија во поглед на Македонија.
Македонската јавност и медиумите ја одмолчија веста
Средбата ја свика премиерот Кирил Петков, кој неодамна по средбата на премиерите на земјите-членки на НАТО на Балканот рече дека на Македонија што поскоро ѝ е местото во европското семејство. Токму тие зборови беа најцитирани во очи на завчерашната ноќна средба на коалициските партнери во врска со Македонија.
– Нашата влада е посветена да го постигне овој резултат што е можно побрзо. Сакам да кажам апсолутно јасна порака до сите Бугари и до народот од Македонија – работиме со Ковачевски на многу координиран начин. Многу фокусирани рокови. Поставивме неколку пресвртници што треба да се постигнат, Македонија што поскоро да има место во европското семејство. Нашата влада е посветена што побргу да го постигнеме овој резултат – рече премиерот Петков.
Ваквите зборови дури во Македонија беа толкувани како надеж дека, сепак, нешто се поместува во позитивна насока во односите меѓу двете земји.
Но според заклучоците на четирипартитната средба во Софија, во врска со прашањето за Македонија, очигледно Петков блефирал. Бугарскиот премиер едно зборувал на средбата со НАТО-сојузниците, а сосема друго на средбата со коалициските партнери од Собранието.
Но она што по малку изненадува е дека вчера до попладневните часови немаше никаква официјална реакција од македонските официјални претставници, иако ова прашање, секако, е во фокусот на нашата надворешна политика. Изненадува што речиси ниту еден македонски медиум вчера безмалку цел ден не објави ништо повеќе за средбата на највлијателните бугарски партии во моментов, иако стануваше збор за состанок на кој директно се договараше ставот кон Македонија во актуелниот развој на настаните.
Бугарските коалициски партнери унисони во однос на ирационалните (ре)пресии кон Македонија
Претставници на четирите коалициски партнери, учесници на состанокот со премиерот Петков, беа кратки и децидни во своите изјави. Копретседателот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, потврди дека коалицијата нема донесено други заклучоци надвор од официјалните позиции што ги има Бугарија.
– Разбираме дека е во заеднички интерес, и нивен и на Бугарија, Македонија да стане дел од европското семејство што е можно поскоро, но тоа не може да се направи по цена на бугарските национални интереси. Значи, нашата позиција е непроменета во однос на ова прашање – коментираше Иванов, додавајќи дека очекува македонската влада да покаже подготвеност да ги исполни барањата на бугарскиот парламент, формулирани во рамковниот став, а потоа потврдени од Советодавниот совет за национална безбедност.
Според него, темата за ветото е предмет на постојана дискусија и преговори на политичко ниво.
– За Бугарија не се поставени и не можат да се постават рокови. Имаме став и во моментот кога ќе видиме дека имаме причина да веруваме дека бугарските национални интереси се заштитени, ќе можеме да го реализираме овој национален интерес на Бугарија – Македонија да влезе во преговори со ЕУ – додаде Иванов.
И пратеникот на БСП, Георги Свиленски, коментираше дека ставот на БСП за Македонија останува непроменет.
– Постои декларација на бугарскиот парламент, во која јасно се наведени условите под кои може да се даде зелено светло – рече тој.
Од својата страна, ваквите ставови ги поткрепи Лена Бориславова, шефицата на политичкиот кабинет на владата на Кирил Петков.
– За време на посетата на комесарот за проширување Оливер Вархеи ќе се разговара за членството на Бугарија во ЕУ, за поддршка на владините активности, вклучувајќи и за дијалогот со Република Македонија. Не станува збор за забрзување на постапката, туку за процедура за преговори, која известува за реални резултати. Позицијата на Бугарија нема да се промени, имено, двете земји работат заедно, постојат подобрен дијалог и вистинска желба да се постигнат резултати од двете страни за да се расчистат насобраните тензии – рече Бориславова.
По сето ова станува појасно дека официјална Софија останува на отпорано познатите ставови. Сето друго, што во меѓувреме се појавува како изјава што ги подгрева надежите во Скопје дека нешто ќе се помрдне во позитивна насока, веднаш бидува покривано со упорното повторување на зацртаните ставови и резолуции, од кои изгледа уште долго нема отстапување.
Подготвил: Марјан Велевски