По ветувањето на косовскиот премиер Албин Курти за формирање заедничка косовско-албанска воена единица
- Во консултација со воени експерти, професори на Воената академија, добивме интересни мислења во врска со идејата на косовскиот премиер Албин Курти за формирање заедничка косовско-албанска воена единица, кои ги издвојуваме за нашите читатели. Имено, како дел од една државна организација (еден државен ентитет), вооружените сили се главен инструмент за „зачувување на независноста, територијалниот интегритет и суверенитетот на таа држава“. Следствено, таа армија во соодветната (една) држава треба да биде способна да спроведе стратегија на одвраќање и стратегија на возвраќање, односно да биде способна за победа во оружена битка. Во еден таков контекст на одлики на војската во својата држава, се поставува прашањето за која држава се формира заедничка борбена група? За албано-косовска интегрирана држава? Чиј суверенитет и територијален интегритет ќе брани таа борбена формација? Албано-косовскиот ли? Ваквите прашања, особено на балканските простори, оставаат низа сомневања за нечии планови, кои повторно го враќаат регионот во историјата каде што со право го добил прекарот буре барут
Формирање „заедничка воена единица со вооружените сили на Албанија“ вети премиерот на Косово во технички мандат, Албин Курти, за време на седница на Главниот совет на партијата Самоопределување на 7 септември. Албанија досега покажа дека е подготвена да го поддржи Косово во областа на воениот комплекс, како членка на НАТО, но тамошното Министерство за одбрана соопшти дека досега немало консултации на оваа тема.
– Ова се ветувања дадени од премиерот на Косово на седницата на Главниот совет на Самоопределување. Во врска со ова, ви предлагаме да контактирате со Министерството за одбрана на Косово – се вели во одговорот на албанското Министерство за одбрана до косовските медиуми.
Што значи заедничка воена формација и дали е тоа само пилот-проект во насока на покрупни воени и политички интегрирања?
Нашите соговорници, воени експерти и професори на Воената академија, многу дипломатски одговорија, но во потконтекстот се препознава и конкретен одговор. Поаѓајќи од премисата дека „една држава може да има само една армија“ и таа има задача и цел да ѝ служи на својата држава, јасно е што се крие зад идејата за спојување на воените единици од двете соседни држави.
– Армијата извршува една од основните функции на секоја држава – функцијата на заштита на надворешните граници на државата. Оваа основна функција на армијата, при нејзиното активирање при надворешна агресија, уставно се изразува како „одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата“.
Второ, покрај оваа функција, на армијата нормативно или фактички ѝ е доделена една внатрешна функција, која е дефинирана како „заштита на уставниот поредок“!
Како дел од државната организација, вооружените сили се главен инструмент за „зачувување на независноста, територијалниот интегритет и суверенитетот на една држава“. Но сето тоа како една армија во една своја, сопствена држава… – потенцираат нашите соговорници.
Натаму, составот на армијата, нејзината големина и опрема се условени, пред сè, од политичкиот систем на една земја, нивото на целокупниот развој на таа држава, геостратешката положба на земјата, нејзините демографски способности и воената и одбранбената доктрина.
– Како специфична организација, вооружените сили имаат единствена организација и персонал, усвоена воена доктрина, централизирано раководење и командување, единствени принципи на обука и образование итн. Значи, армијата е неопходен фактор во зачувувањето на безбедноста на една земја, држава и нејзините граѓани. Армијата на една модерна држава мора да биде способна да спроведе стратегија на одвраќање и стратегија на возвраќање. Вооружените сили се борбена група формирана за победа во вооружена битка. Кој се подготвува и окрупнува за некаква битка или војна и за која цел, тоа е прашање што можеби е најдобро да одговорат оние што ја предложиле оваа иницијатива – сметаат нашите соговорници. Р.С.