Фото: Макфакс

Српскиот претседател Александар Вучиќ предупреди дека од утре почнува тежок период, дека е загрижен, но дека нема причина за паника.

– Од утре ни претстои тежок период, многу непроспиени ноќи. Мораме да бидеме загрижени, но нема место за паника. Ситуацијата е тешка, на работ на конфликт, буквално, и знам дека претставниците на Србите ќе ми кажат дека им е доста од сѐ и дека секој може да умре, но мора да знаат дека животот на сите нам ни е поважен од што и да било друго. И дека мора да разберат – рече Вучиќ.

 

Тој уште еднаш побара од меѓународната заедница, која има влијание врз Приштина, да го искористи тоа против „г. Курти и другите и да ни помогне сите заедно да го зачуваме мирот“.

– Дури и кога Албанците имаа желби, ние велевме дека нема проблем, само да се спроведе она што беше претходно потпишано. Тие велат: „Па, тоа го потпиша поранешната влада“. Ми доаѓа да си ја скинам косата. Замислете да кажам: „Па тоа е потпишано од Борко Стефановиќ“.

Тој уште еднаш истакна дека и покрај сите негови грижи, ќе направи сѐ што може. Објасни дека на Србите во Косово и Метохија им е преку глава од сѐ.

– Србија ќе биде многу посветена на мирот. Внимателно ќе донесуваме одлуки за секој наш потег. Сакам да му порачам на народот во Косово и Метохија дека ќе дадеме сѐ од себе да ги заштитиме, но ако некој мисли дека може да спроведе протерување на нашиот народ, убивање и ранување на нашиот народ, сакам да повторам дека ќе бидеме со нашиот српски народ и нема да го оставиме на цедило. Ќе ги зачуваме мирот и стабилноста, но српскиот народ мора да знае дека зад себе ја има својата српска држава во согласност со Повелбата на ОН, Резолуцијата 1244 и сето она на што се повикуваат западните партнери кога зборуваат за Украина – рече Вучиќ.

Тој додаде дека Србија е секогаш подготвена за разговори и секогаш ќе биде подготвена. Како што додаде, ќе даде сѐ од себе за да избегне катастрофа.

Вучиќ истакна дека се надева оти неговиот смирен тон нема да се толкува како слабост и зелено светло за живот против Србите. Како што рече, тоа би било погрешно толкување и посочи дека неговата главна порака до Србите е да се обидат да го зачуваат мирот, а не да бидат виновни за предизвикување конфликт.

Вучиќ денеска во Брисел се сретна со премиерот на Косово, Албин Курти, со цел да се реши кризата предизвикана од одлуката на властите во Приштина да почнат да наплаќаат казни за Србите што одбиваат да ги пререгистрираат возилата со КМ-дозвола.