Финансиските политики на Владата во Софија наидуваат на големо незадоволство кај Бугарите
- Лидерот на владејачката партија ГЕРБ, Бојко Борисов, изјави дека сегашниот буџетски план за 2026 година веројатно ќе биде ревидиран по големиот протест во Софија одржан минатата недела, за време на кој на пратениците им беше забрането да го напуштат парламентот
- Буџетот предвидува зголемување на даноците на приватните бизниси за финансирање на зголемувањето на платите во државниот сектор, што се смета за владина тактика за зголемување на нејзината цврста контрола врз државните институции и за ограничување на приватниот сектор
Толпи бугарски граѓани се собраа на најголемиот протест годинава во Софија минатата недела, насочен против буџетскиот план за зголемување на даноците на приватните бизниси за финансирање на зголемувањето на платите во државниот сектор.
Лидерот на владејачката партија ГЕРБ, Бојко Борисов, изјави дека сегашниот буџетски план за 2026 година веројатно ќе биде ревидиран по големиот протест во Софија, за време на кој на пратениците им беше забрането да го напуштат парламентот.
– Им реков на премиерот и на министерот за финансии да го отфрлат буџетскиот план или да најдат некаков законски начин да го спречат, и покрај тоа што беше прифатен на прво читање од пратениците, сè додека не се воспостави дијалог – рече Борисов.
Буџетот предвидува зголемување на даноците на приватните бизниси за финансирање на зголемувањето на платите во државниот сектор, што се смета за владина тактика за зголемување на нејзината цврста контрола врз државните институции и ограничување на приватниот сектор.
Регистрирани и судири на демонстрантите и полицијата
Илјадници граѓани во Софија протестираа против спорниот буџет за следната година, скандирајќи говор на омраза и тешки навреди за пратениците. Незадоволните граѓани упатија и закани со посебни „акции“. Демонстрантите и полицијата се судрија на неколку места на улиците, но немаше тешки последици по јавниот ред и мир. Додека толпата протестанти постепено се намалуваа до доцна во ноќта, тогаш полицијата фрли солзавец. Тоа ја испровоцира толпата и голем дел се врати да протестира и да скандира. Демонстрантите, исто така, формираа човечки синџир спречувајќи ги пратениците на владејачката коалиција да ја напуштат зградата на парламентот до полноќ.
Претходно демонстрантите се собраа на плоштадот пред парламентот, Владата и резиденцијата на претседателот, колоквијално познат како простор под името триаголник на моќта, каде што го блокираа и сообраќајот.
Митингот на плоштадот беше предизвикан од комисијата што го одобруваше буџетот на второ читање, која се собра за време на паузата на седницата попладне и ги исклучи претставниците на опозицијата од присуство – во присуство на вооружени полицајци.
Додека демонстрантите се собираа на плоштадот, полицијата почна да ги блокира околните улици за да ги спречи другите да се соберат. Тие, пак, го опколија и го блокираа пристапот до полициските возила.
Опозицијата ги предводи протестите, владејачката коалиција го намалува значењето
Протестот го предводат здружените опозициски партии Продолжуваме со промените и Демократска Бугарија, кои исто така ги предводат и тековните демонстрации во поддршка на затворениот градоначалник на Варна, Благомир Коцев, чие судење се смета за чин на политичка репресија од страна на владејачката коалиција.
Владејачката коалиција сочинета од централнодесничарската ГЕРБ, потоа Бугарска социјалистичка партија и десничарската Има таков народ, со поддршка на Нов почеток, предводена од магнатот Делјан Пеевски, го намалува значењето на собирите.
Борисов во четвртокот, минатата седмица, излезе во јавноста со политички стил својствен за него, при што рече дека „и не помислил да им се обрати на демонстрантите кога истата вечер игра неговиот омилен фудбалски тим, Реал Мадрид“?!
Удвојување на даноците за приватните бизниси заради финансирање на платите во јавниот сектор
Буџетот за 2026 година го дуплира данокот на дивиденда за приватните бизниси за да се финансира зголемувањето на платите во јавниот сектор. Промените се сметаат за начин коалицијата да ги задоволи лојалните гласачи во јавниот сектор.
Државните работници, полицијата, воениот персонал, наставниците во државните училишта, социјалните работници и пензионерите, сите имаат корист. Во Бугарија, повеќе од 558.000 луѓе работат во државни структури, според Националниот институт за статистика.
Пратеникот на Демократска Бугарија, Ивајло Мирчев, го нарече тековниот буџет „војна против средната класа“.
Во меѓувреме, работниците од областа на културата, уметниците и менаџерите, исто така, протестираа против разните доцнења во грантовите поддржани од владата и недостигот од средства за културниот сектор во буџетот за 2026 година, оставајќи ги независните места и колективите во сомнеж за нивната иднина. Р.С.


































