Бугарија побарала грчки воени авиони да го чуваат нејзиниот воздушен простор, пишува грчки „Катимерини“.
Весникот забележува дека Бугарија е четвртата балканска земја која сака грчката авијација да го штити нејзиното небо, по Македонија, Албанија и Црна Гора.
Во опширен извештај грчкото издание „Катимерини“ известува за преговорите во рамките на НАТО меѓу Софија и Атина за заштита на бугарскиот воздушен простор во период од три месеци.
За барањето на Софија било разговарано на состанокот на Алијансата и на дипломатско ниво, пишува изданието, повикувајќи се на извор од седиштето на НАТО.
Бугарските воени авиони се ограничени по број и нивниот капацитет не може да ги покрие сите безбедносни барања, особено во период на војна во Украина, се наведува, пренесе „БНР“.
Се очекува Бугарија да го добие првиот од нарачаните нови авиони дури во 2025 година, забележува весникот.