Фото: „Нова Македонија“

Германски „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ ја коментира политичката криза во соседството

Дописникот на ФАЦ од Балканот, Мајкл Мартенс, прогнозира дека и по претстојните парламентарни избори во Бугарија нема да има стабилно мнозинство за формирање редовна влада и оти може да има нови избори веќе напролет, бидејќи нема да дојде до прекин на политичкиот ќор-сокак

Бугарија со години е без државно управување. Партиите подигнаа одбранбени ѕидови меѓу себе. Наскоро во земјата ќе се одржат седмите последователни избори за помалку од четири години. Ова е нов европски рекорд, пишува германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ). Дописникот на ФАЦ од Балканот, Мајкл Мартенс, прогнозира дека и по претстојните парламентарни избори на 27 октомври нема да има стабилно мнозинство за формирање редовна влада и оти може да има нови избори веќе следната пролет, бидејќи нема да дојде до прекин на политичкиот ќор-сокак.
– Кога водечките политички сили во парламентарната демократија не соработуваат, иако од разбирливи причини, постои закана од блокада, не без последици за земјата – се вели во анализата на ФАЦ.

Бугарија веќе трпи многубројни негативни последици

Меѓу негативните последици што ги посочува Мартенс, на пример, се отсуството на значајни инвестиции во инфраструктурата, бидејќи не може да се носат важни закони. Таквата ситуација е резултат на тоа што високите владини функционери не сакаат или не можат да преземат одговорност и одбиваат да ги потпишат важните закони, бидејќи техничките преодни влади, кои всушност треба само да ги подготват следните избори, немаат компетентност, овластувања или политичка волја да носат фундаментални одлуки што ќе ја обврзуваат земјата во годините што доаѓаат и затоа што (во оваа несигурна средина) инвеститорите претпочитаат да се воздржат.

Згора, надежите на земјата, поточно на дел од нејзината политичка и особено економска елита, за пристапување на Бугарија во еврозоната и за полноправно членство во шенген-зоната засега остануваат намалени. Ситуацијата едноставно е премногу нестабилна, посочува авторот, кој важи за добар познавач на околностите во Бугарија.

Во исто време, земјата губи пари: бидејќи не се исполнети важни предуслови, не може да се апсорбираат милијарди средства на ЕУ на кои Бугарија има право. На пример, од „Механизмот за закрепнување и одржливост“ Бугарија има право на речиси 6,3 милијарди евра, од кои, сепак, успеа да апсорбира само 22 отсто – во споредба со просечната вредност за ЕУ ​​од 37 отсто, потсетува ФАЦ. А токму неодамна Бугарија конечно се раздели со речиси 100 милиони евра од друг европски финансиски фонд, бидејќи не беа исполнети потребните услови за нивно ослободување.

Расцепканоста на политичкиот пејзаж придонесува за кризата

Причината за долгото отсуство на постојана влада во Бугарија, авторот ја гледа во расцепканоста на партискиот пејзаж, па дури и во растечката поларизација.
– Подобро е да не се владее отколку да се владее погрешно – ова може да биде мотото на многу партии во Бугарија – пишува Мајкл Мартенс.

Тој понатаму потсетува дека во средиштето на кризата се двајца политички играчи. Од една страна, тоа е долгогодишниот премиер Бојко Борисов, чија партија ГЕРБ сè уште е најсилната политичка сила во земјата. Но иако партијата има солидна поддршка од околу една четвртина од гласовите, потребни ѝ се партнери за да владее. И нејзините политички ривали, кои со години негуваат надежи за смена на Борисов, одбиваат да го прифатат фактот дека не можат да владеат без Борисов, кој останува неизбежен фактор сѝ додека неговата партија е прва сила.
– Партијата Продолжуваме со промената (ПП) го гледа во Борисов коренот на сите проблеми во Бугарија – нејзините поддржувачи ги обвинуваат него и неговата партија дека ја истоштиле земјата со системска корупција. Но поради нивниот тврд став и политички дилетантизам, сѐ повеќе Бугари веќе ја гледаат ПП како дел од проблемот – пишува Мартенс.

Партиите поставија огради меѓу себе

Обидот да се управува Бугарија без Борисов, за време на чие 12-годишно владеење се акумулираа многу корупциски скандали, првично беше прифатен со симпатии во странство. Сепак, по брзиот колапс на коалицијата против Борисов, ГЕРБ повторно е водечка политичка сила, што го покажаа последните три парламентарни избори, нагласува ФАЦ.

Значителен дел од бугарските гласачи очигледно сакаат Борисов и неговата партија да бидат во Владата. Со оглед на конкуренцијата од проруските, националистичките и антиевропските партии, ова всушност треба да го отвори патот за соработка меѓу ГЕРБ и ПП. Затоа што овие две партии имаат слични ставови барем за главните надворешнополитички прашања – тие го поддржуваат членството на Украина и Бугарија во НАТО и ЕУ.

Сепак, додека Борисов постојано сигнализираше подготвеност за соработка со Продолжуваме со промената, ПП сè уште има илузија дека некако може да го избрка од политичката сцена во земјата. Сознанието дека тоа сè уште не може да се исполни станува тежок товар за партијата и нејзините поддржувачи. Така, заштитната ограда кон Борисов продолжува да стои, а оние што ја подигнаа ризикуваат да се заѕидаат и себеси. се заклучува во анализата на ФАЦ. Р.С


Потрошени повеќе од 250 милиони евра на гласачки ливчиња

Според многу мерила, најсиромашната членка на Европската Унија, Бугарија, потрошила повеќе од 250 милиони евра на гласачки ливчиња за повеќе изборни циклуси одржани во изминатите четири години, пишува „Балкан инсајт“.
Згора, изборите само двапати дадоа влади, и во двата случаја краткотрајни сојузи предводени од реформистичките партии Продолжуваме со промената и Демократска Бугарија. Секој од нив беше соборен од друга партија во алијансата, од Има таков народ на шоуменот Слави Трифонов и од ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, соодветно. Р.С.