Фото: „Нова Македонија“

Иако претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, го повика парламентот брзо да најде начин за назначување привремен премиер и влада, тој всушност ја загуби моќта еднострано да одлучува кој треба да биде привремен премиер, како дел од големата уставна реформа на крајот на минатата година. Со Бугарија сега продолжи да управува, како тежиште на извршната власт, преодната влада на Димитар Главчев

Одбивањето на бугарскиот претседател Румен Радев да назначи нова преодна влада како повод

Политичката криза што влезе во спирала и ја влече Бугарија сѐ повеќе надолу повеќе од три години, полека но сигурно се претвора во уставен ќор-сокак, откако претседателот Румен Радев завчера одби да назначи нова преодна влада за одржување предвремени избори.

Камен на сопнување – министерот за внатрешни работи

Бугарскиот претседател Радев најави дека „нема да ја аминува“ преодната влада на чело со Горица Кожарева на премиерската функција, бидејќи таа предложила министерот за внатрешни работи Калин Стојанов да остане на функцијата, и покрај обвинувањата дека тој има неформални врски со олигархот Делијан Пеевски, кој е под санкции од САД и Велика Британија поради корупција.
– Со ова, Радев на неодредено време ги одложи формирањето редовна влада и предвремените избори во една од најсиромашните земји во ЕУ – се истакнува и во реномираниот медиум „Еурактив“, кој се осврнува на политичката криза во Бугарија.

Поврзаност на министерот Стојанов со олигархот Пеевски?!

Голем дел од парламентарните партии го обвинуваат Калин Стојанов, кој е и актуелен привремен министер за внатрешни работи, дека „работи за Пеевски“ и се прашуваат „дали полицијата ќе постапи чесно за време на изборите“.
На пример, пред една недела, полицијата незаконски затвори сатирична веб-страница на која се исмеваше Пеевски, а министерот за внатрешни работи одби да даде за јавноста образложување, а немаше ниту легална, ниту легитимна причина за затворање на веб-страницата.
Радев ѝ порача на кандидатката за нова привремена премиерка Горица Кожарева дека нема да ја поддржи нејзината кандидатура бидејќи не може да гарантира помирна политичка ситуација.
– Очигледно, тоа е невозможно доколку Калин Стојанов ја задржи функцијата министер за внатрешни работи – изјави за јавноста Радев.
Тој, исто така, сугерираше Кожарева да добие четири часа за да ја разгледа одлуката и да предложи друг кандидат за оваа функција. Кожарева веднаш одби со образложение дека „извештаите за Калин Стојанов се многу добри“. Веднаш по церемонијата во претседателската палата, таа отиде во канцеларијата на обвинителството за да побара „истрага за политички притисок врз неа“.
– Нема никој друг да предложи за министер за внатрешни работи, така што не ми треба повеќе време да размислувам за тоа – категорична беше Кожарева.
Во една таква ситуација, антагонизмите на претседателот на Бугарија, наспроти кандидатката за премиерка растат сѐ повеќе, при што се вовлекуваат и други високи државни институции, како што е обвинителството.

Со уставната реформа од минатата година во Бугарија, претседателот ја загуби моќта еднострано да одлучува кој треба да биде привремен премиер

Претседателот на Бугарија, Радев, го повика парламентот брзо да најде начин за назначување привремен премиер и влада, но претседателот ја загуби моќта еднострано да одлучува кој треба да биде привремен премиер како дел од големата уставна реформа на крајот на минатата година.
Во моментов, претседателот може да избере од 10 однапред дефинирани опции за назначување привремен премиер – претседателот на Народното собрание, гувернерот или подгувернерот на Бугарската народна банка, претседателот или заменик-претседателот на Националната канцеларија за ревизија и народниот правобранител или нивни заменици.
Во исто време, долготрајната политичка криза остави празни некои од овие позиции.
Во Бугарија нема народен правобранител или заменик-народен правобранител, а назначувањето лице од раководството на Народната банка на политичка функција е во спротивност со правото на ЕУ.
Со Бугарија продолжи да управува преодната влада на Димитар Главчев, која сѐ уште не посочи дали избрала бугарски кандидат за комесар во идната Европска комисија.
Сѐ на сѐ, Бугарија е токму на работ на длабока бездна на уставна криза. Многумина аналитичари го издвојуваат овој факт, бидејќи сметаат дека тоа може да биде причина за генерирање и на други кризи од различен карактер (економска, социјална, надворешнополитичка, па и безбедносна криза), што лесно се прелева во регионот, при што Бугарија може да биде изворот на таквите негативни состојби. 


Бугарија ќе гласа по седми пат во изминатите три години
Распишувањето нови избори уште повеќе го продлабочува граѓанското незадоволство

Бугарија ќе оди на нови избори, седми по ред во изминатите три години. И со тоа дополнително се продлабочува политичката криза во државата. Претстојните избори веројатно ќе бидат во октомври, кога Бугарите повторно треба да излезат на гласање и да ги изберат пратениците во 51-то Народно собрание.
Бугарите на 2 април минатата година го избираа составот на 49. Народно собрание, кое со вториот мандат ја донесе првата ротирачка влада Денков-Габриел, го смени Уставот и, според него, продолжи да постои, иако ротацијата не се одржа. Тој парламент работеше 433 дена или до инаугурацијата на 50-то. Тој ќе работи и додека не се избере новото 51. Народно собрание, како што предвидува новиот правилник.
А се смета дека нестабилноста му штети и на меѓународниот кредибилитет на земјата, при што внатрешнополитичките борби ризикуваат да ги ослабат институциите и да ја забават интеграцијата на Бугарија во ЕУ.
На Бугарија ѝ треба стабилна и функционална влада за да може го забрза финансирањето од Европската Унија, да ја внесе земјата во еврозоната и целосно да се приклучи во шенген-зоната.
Истовремено, официјална Софија покажува сериозни знаци на загриженост и нервоза околу спласнувањето на интензитетот со кој се инсистираше на уставни измени во Македонија, особено што и последните изјави што доаѓаат од европските челници се во насока земјава да се посвети исклучиво на реформите, за да напредува во евроинтегративниот процес. Р.С.