Бугарските парламентарци ги одобрија првите пратки на воена помош за Украина откако изби војната со Русија во февруари, ставајќи крај на отпорот од проруските партии и претседателот Румен Радев, пишува „Блумберг“. Ваквата одлука следи откако парламентарните комитети за одбрана и надворешна политика ги одобрија двата предлога на проевропските партии ГЕРБ и Демократска Бугарија.
Бугарија која има блиски културолошки и економски врски со Русија беше меѓу двете членки на НАТО и ЕУ кои досега не даваа оружје на Украина, покрај Унгарија.
Се смета дека воената помош беше оневозможена поради политичкото незадоволство додека Бугарија се соочува со можноста за одржување на петти парламентарни избори за помалку од две години.
Поранешниот премиер Кирил Петков, пак, неодамна порача дека Бугарија е премногу блиску до конфликтот за да испрати оружје таму.
Социјалистичката партија која беше важен дел од владејачката коалиција што претрпе пораз во август, предупреди дека ваквиот потег би можел да ја вовлече Бугарија во конфликтот.
– Останете смирени, ние не учествуваме во конфликтот. Преку пружање на воена помош на Украина заедно со нашите партнери, ние јасно кажуваме дека Бугарија е достоен сојузник на кој може да се смета – кажа пратеникот Далиел Лорер, кој е член на една од партиите што го поддржува испраќањето на помош за Украина.
Бугарија како произведувач на митралези и муниција од советски тип, слични на тие користат во Украина, извезува оружје во други држави од регионот, вклучувајќи ги Романија и Полска.
Владата сега има рок од еден месец за да достави предлози до парламентот за видот на опрема што може да ја испорача без да ги наруши сопствените одбранбени капацитети. Исто така ќе се одржат разговори со други земји-членки на НАТО за да се обезбеди помодерно оружје.
– Во овој миг не можеме да пружиме тешко вооружување бидејќи нашата држава прво треба да обезбеди платформи за замена – кажа бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов.
Опозициските партии ја обвинија власта за продажба на оружје во Украина преку трети држави додека официјално пружа само хуманитарна помош.