Една од повеќето слики за неповолната демографска слика на балканските земји

Демографите во балканските земји се исклучително загрижени имајќи ги предвид последните статистички податоци, кои покажуваат дека речиси насекаде се бележат рекордно ниски бројки.

Словенија:

Во Словенија минатата година бројот на новороденчиња падна на 16.800, што е за пет отсто помалку од претходната година и најмал број откако се води евиденција од 1922 година, покажуваат прелиминарните податоци на словенечкиот завод за статистика (СУРС).
Најважна причина за падот на бројот на новороденчиња во последните години е падот на бројот на жени во репродуктивна возраст, меѓу 15 и 49 години, објави агенцијата СТА. Нивниот број се намалил за 18 отсто во периодот од 2000 до 2022 година, изјави Мартин Бајжељ, претставник од СУРС.

Хрватска:

Во Хрватска минатата година се родиле најмалку деца откако постојат статистички мерења, а имало повеќе бракови, но и помалку смртни случаи, што донекаде ја подобрило негативната слика за природниот прираст, покажаа привремените податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Во 2023 година имало 32.047 живородени деца или за речиси 2.000 помалку од 2022 година, кога имало 34.027 живородени деца, со што се продолжува трендот на значително намалување на бројот на живородени деца. На пример, во 2000 година се родиле 43.746 деца.
– Поради значително помалиот број на родени деца, трендот на намалување на природниот прираст на населението сѐ уште е крајно неповолен – вели во интервју за „Хина“ Дубравка Рогиќ-Хаџалиќ, раководителка на Одделот за социјални истражувања во ДЗС.

Албанија:

Слични податоци доаѓаат и од Албанија, која забрзано старее, каде што минатата година се родиле 10 отсто помалку новороденчиња, што е најголемо намалување во последните три децении. Годишниот извештај на албанскиот институт за статистика, ИНСТАТ, покажува дека минатата година се родени 22.210 бебиња, што е намалување за 10 отсто или околу 2.500 бебиња помалку споредно со претходната година. Ова е најголем пад на наталитетот во последните 30 години. Од вкупно 12 околии колку што има во земјата, со најнизок наталитет се Ѓирокастро, Кукс и Берат, додека Тирана и Драч се двете околии со најбрз пораст на населението.
– Намалувањето на наталитетот и емиграцијата предизвикуваат Албанија да старее со голема брзина. На 1 јануари 2023 година во нашата земја се регистрирани 2,76 милиони лица, што е намалување за 15 отсто споредено со 1990 година. Во јуни оваа година се очекува да бидат објавени резултатите од пописот, кога ќе се знае точната бројка, која повеќе од сигурно е дека ќе биде помала од онаа од почетокот на годинава – наведуваат медиумите.

Босна и Херцеговина

Експертите велат дека Босна и Херцеговина спаѓа во категоријата земји со катастрофални бројки и процените се дека се соочува со драматичен пад на населението ако продолжат сегашните трендови: за помалку од 50 години, нешто повеќе од еден и пол милион луѓе ќе живеат во земјата. Се наведува во анализата објавена од Фондот за население на ОН (УНФПА).
Растот на населението е резултат на наталитетот, стапката на смртност и стапката на миграција. Бројот на жители во Босна и Херцеговина е намален за околу 42.300 жители. Во 2020 година, стапката на смртност беше 14,1 на 1.000 луѓе (47.400 смртни случаи), а стапката на наталитет беше 8,6 на 1.000 луѓе (28.900 раѓања). Како резултат на тоа, околу 23.800 жители мигрирале во други земји, пишува „Ворлддата“.
За Босна и Херцеговина се предвидува населението да се намали на 2,7 милиони во 2050 година. Стапката на фертилитет во Босна и Херцеговина е далеку под стапката на замена на населението од 2,1 раѓања по жена со 1,26 раѓање по жена. Вкупната стапка на фертилитет (ТФР) од 2,1 го претставува нивото на „замена“ на плодност: просечниот број на деца по жена што е потребен на секоја генерација точно да го замени населението без потреба од меѓународна имиграција. Вредноста под 2,1 ќе предизвика намалување на домашната популација, пишува „Ворлддата“.

Србија

Во Србија секоја година се раѓаат сè помалку бебиња. Податоците на Заводот за статистика велат дека во 2023 година се родени 60.813 бебиња, што е за 1.437 бебиња помалку отколку во 2022 година (62.250), или 2,3 отсто.
Ова е најмал број живородени деца од Втората светска војна овде, пишува „Јуроњуз“.
Државата значително ги зголеми средствата наменети за раѓање на прво, второ, трето и четврто дете, но тоа не можеше да го зголеми бројот на родени бебиња. Демографите велат дека ова е неминовност што ја очекува Србија и во наредните години, бидејќи основите за породување се намалуваат, сѐ помалку има жени во репродуктивен период.